Ванковска: Референдумот како реалити шоу

АКЦИЈА

Пишува проф. Билјана Ванковска за Нова Македонија

Мина и овој циркус. Зад себе остави смрдеа на одвратна пропаганда, смет од конфети и плакати, а најмногу од симнати маски; сите платени од наши пари, од сиромаштијата на овој народ, а поради лажни ветувања. Додека пишувам не го знам резултатот од референдумот, но со сигурност можам да кажам дека е сосема небитен. Ова и беше смислено како „предигра“ во (политичко сексуалниот) чин за подигнување на возбудата со лубриканти и шепотење слатки зборови, за полесно да (се) влезе во финалниот акт. Ова е Денот потоа, би рекол колега што верува дека сега треба да си подадеме рака, без оглед дали сме гласале или правеле ајвар, небаре сме одлучувале за обично политичко прашање. Референдумот беше скандалозно (од правен аспект) и најскапо платеното реалити шоу, во кое продефилираа странци на кои не им е место во ваква кампања, но и мнозина наши што сакаа да се истакнат (иако го гледале филмот „Трумановото шоу“ или барем ја знаат бедната суштина на балканската верзија, многу соодветно наречена „Големиот брат“).

Наивните не сфатија дека се статисти; другите ги прочитаа навреме „сценаристите“ и одбија да бидат проституирани. Заднината на ова што ни се случува денес ја има опишано Рацин уште во 1940 година: „Борбата е тешка, душманинот јак, но и мнозина водачи не водеја по крив пат. Уште има кај нас ’чекајушти’ и ’желајушти’! Уште таквија чекајат некој да ги ’ослободи’ и да им даде живот.“ Време е да се направи рекапитулација и да се погледнат урнатините на правната држава (онаа што едвај и да постоеше, сега е сторена прав и пепел), но и отворените и загноени рани на македонското општество. Најбитно е да се признае дека не само што ништо не е завршено туку дека токму денеска почнува!

Чуму референдум по секоја (толку висока) цена? Зошто дури и со отворена и бесрамна злоупотреба на сите државни ресурси, со брутална пропаганда, со кршење на сите законски, етички, па и европски норми? Зошто кога ни Преспанскиот договор не го наметнува како обврска? Зошто дефиле на највисоки претставници на т.н. меѓународна (западна) заедница? Од љубов? Во разговорот што го водевме, новинарка на „Тајмс“ употреби еден збор за последиците по македонското општество: bruises (модринки). Јас би ги опишала како лузни за кои ќе бидат потребни децении да зараснат, ако воопшто дојде до тоа. Веќе сведочиме трогателни приказни за кавги меѓу деца и родители, меѓу браќа и сестри, по што останува горчливиот вкус на историската судбина на внатрешни делби меѓу Македонците. Зошто беше потребна оваа агонија? Одговорот е едноставен: од моментот кога го распиша референдумот спротивно на Уставот и законот (Уставниот суд е само гробарот што го закова последниот клинец во ковчегот на правната држава), власта го батали легалитетот како непотребен (и недостижен) луксуз, ами тргна во трка по легитимитет за она што сега планира да го протурка во парламентот.

Распишувајќи консултативен референдум, и уште имајќи дрскост да го спореди со задолжителниот од 1991 година, таа организира порно реалити шоу, во кое требаше да обезбеди „видливо мнозинство“ на кое ќе се повикува во постапката за промена на Уставот. Зборот „видливо“ има посебно значење во полициска држава, која (из)врши невиден притисок врз граѓаните да излезат. Во 2004 година самото „видување“ беше јавно гласање, ама и чин на отпор (кон оваа иста власт)! Вчера беше демократска фарса, смоквин лист за фактот што уставниот критериум не може да се постигне. Во текот на последната недела, редица јавни личности (па дури и такви за кои сме верувале дека имаат интегритет, но и свештеници и воени лица) почувствуваа „потреба“ да гласаат јавно – небаре дечиња што послушно чекаат учителката да им стави петка на рачето зашто биле добри! По социјалните мрежи „гласаа“ и сосема непознати. Духот на Граѓанинот Покорен е сѐ уште жив во клиентелистичкото општество и во заробената држава. Сѐ што беше допрено овие месеци е осквернавено. Владата ја злоупотреби и војската во сценарио на политичка пропагандна порака. Премиерот, во стилот на Дарт Вејдер, го испогани Македониумот. Зарем Крушево од сите места? Местото во кое востаниците ја одбраа смртта пред прагматичноста и подведувањето пред моќните! Дури и слончињата од Зоолошката градина не беа поштедени среде изборен молк.

И „Златното славејче“ послужи ЗА! Толку им беше зорт, што не се избираа средства! Тоа покажува колку очајнички им беше потребен каков-таков „доказ“ дека народот доброволно се самоукинал, и тоа на божем демократски начин. Сите, и домашните, ама особено надворешните центри на моќ, сакаа(т) да си ги измијат рацете од симболичкото злосторство без преседан, а за тоа им треба „доброволното“ ставање на јаремот од самиот народ, кој го бришат од лицето на земјата моделирајќи го како да е од глина, а не од крв и од месо, од спомени и од разум. Најмногу разочара академската „елита“, и македонската и меѓународната; не само што остана нема пред неправдите и тортурата врз здравиот разум туку и активно ја помогна оваа фашизоидна операција. Мицкоски издржа да не го изусти зборот на „Б“, дури и во ТВ-интервју што личеше на легендарната филмска сцена на полициска тортура „признај, пи**а ли ти, материна!“. Не призна, но попусто му е, бидејќи жешкиот костен е во редовите на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, која е на распродажба. Без трошка срам, некои ќе спасуваат гола кожа од обвиненијата, ама нема да куртулат од срамот што ќе го носат додека се живи.

Берзата е отворена, лицитацијата може да почне! На ред е продолжение на уставниот инженеринг, уште подрзок, по недемократски и подраматичен од оној во 2001 година; не само што уставните амандмани се веќе напишани од трети „експерти“ (и договорени меѓу уште пред Договорот и да биде потпишан), туку за нив во крајна инстанца ќе одлучуваат грчките пратеници. Кога со американскиот професор по меѓународно право, Френсис Бојл, разговарав за последиците од договорот, тој прогнозираше: „Насила ќе ви го набутаат низ грло!“.

Работата е драматична, но не е сериозна: со секој чекор и секоја нова глупост и доказ за несовесност и неспособност, власта и колабораторите се делегитимираа(т). Начинот на кој се спроведе референдумот покажува не само бескрупулозност туку и страв. Тие го имаат благословот на т.н. меѓународна заедница (и нивните медиуми, кои и натаму нѐ дисквалификуваат како националисти, екстремисти и проруски елементи), го имаат невладиниот сектор, медиумите – но го немаат народот, демосот! Референдумот немаше никаква врска со непосредна демократија, туку беше подбивање со неа, а сега доаѓа на ред тестирањето на издржливоста во чинот на тортура наречен набивање низ грло на она што ниту една нормална нација на светот не би го прифатила. Кога странските новинари прашуваа за можност од нереди ме засмејуваа, бидејќи во секоја нормална и демократска земја досега ќе вриеше и владата ќе поднесеше оставка; или, како што вели пријател од Шведска (поранешен член на мониторинг-мисијата на ЕУ), кога ваква работа би се случила таму, власта не би се ни осмелила да си игра со нив на ваков начин. Но кај нас, за жал, сенката од 27 април сега има улога на алатка за пацификација на секој масовен протест, дури и кога е легитимен и ненасилен.
И покрај сѐ, битката не е завршена! Веќе е јасно дека не се бориме само за името и идентитетот, па дури ни само за достоинството – борбата е егзистенцијална, бидејќи без инхерентно право на политичко самоопределување преку создавање сопствен устав и правен поредок, нема држава. Но дури и да го сменат Уставот – во кој очигледно се крие уште едно кукавичино јајце со деловите од тиранската платформа – ќе има начини да се пружи отпор.

Отрезнувањето кај мнозина ќе дојде бргу, иако тоа не е никаква утеха. Но колатералната штета ќе биде помала ако нивото на мобилизација не запре, туку почне да јакне токму од денес! Дури и ако цензусот не е постигнат, време за радост и опуштање нема. Референдумот остави таков пустош, што ќе имаме полни раце работа да ги доведеме нештата во ред. Комунистичката кампања (секому според потребите – бесплатно школство и здравство итн.) ќе пукне како меур од сапуница, и тогаш народот навистина ќе проговори. Оваа влада е очигледно за една употреба! Таа нема да се справува со последиците на националниот бродолом, а нејзините први луѓе ќе се спакуваат и ќе заминат со полни куфери. Ние ќе треба да се преброиме и да провериме дали поетот беше во право кога велеше „колку сме, толку сме, токму сме“. Ако во многу полоши историски услови нашите предци успеале, тогаш треба да престанеме да се жалиме и да прифатиме дека е сега ред на нас да докажеме дали сме државотворен народ и дали ја заслужуваме Македонија.

loading...