Ќе ја почитува ли Грција својата страна од договорот?

АКЦИЈА

Пишува Сашо Маневски за МКД.мк

Бојкотот успеа за да се делегитимираат политиките на сегашната власт и да не ѝ дозволиме на Грција пак да ни стави вето во иднина.

Гледајќи ги техничките аспекти на процесот на имплементација на договорот со Грција, од кога ние би требало да ги изодиме болните уставни промени, (ако тоа се случи), прво што паѓа на памет е дали Грција ќе почитува уште еден меѓународен договор и истиот ќе го ратификува во парламентот или не?

Не треба далеку да се гледа за да се заклучи дека Грците и Грција не почитуваат меѓународни договори.

После влегувањето на Грција во Европската монетарна унија, со поднесување на сомнителни статистички извештаи, и имплементација на еврото, со години, од 2005-2009, Грција не се придржуваше на договорот од Мастрихт и ги фризираше статистичките податоци кои ги оставаше до Евростат. Кога финансиската криза пукна во 2008, Грција доживеа економска катаклизма како резултат на непочитувањето на договорот за Европска монетарна унија.

Впрочем ние сме дојдени во оваа ситуација да бидеме блокирани во НАТО и ЕУ затоа што Грција го прекрши заедничкиот договор со Република Македонија.

Во 2004 во Кипар се случи договор меѓу кипарските Турци и Грци, нешто слично како и сега меѓу Македонија и Грција. Се одржа референдум, Турците го прифатија договорот, а Грците не.

Со имплементација на срамниот договор од наша страна, постои ризик грчкиот парламент никогаш да не го ратификува истиот оставајќи нѐ заглавени со срамно име и обезличени. Ова е реална опција, мнозинството Грци се против договорот, а и коалицискиот партнер на Ципрас, Каменос е цврст во ставот дека нема да гласа за истиот. Впрочем Сириза и Ципрас се ислкучок, а не константа во грчката политика. Сириза за прв пат има освоено најмногу гласови во грчкиот парламент и дојде на власт како резултат на разочараноста на Грците од политиките на ПАСОК и Неа демократиа, своевидна казна кон нив. Со поднесување на спогодбата пред грчкиот парламент, и негово пропагирање, Сириза се изложува на своевиден политички линч знаејќи дека поголемиот дел Грци не го прифаќаат истиот. Постои можност да бидат збришани од политичката мапа оставајќи го договорот нератификуван.

Под ова сценарио можно е за возврат на непоминувањето на договорот во грчкиот парламент, грчката влада да ја крене рампата за влез во НАТО, па така, ние во НАТО да влеземе прекрстени, но со нератификуван договор во грчкиот парламент. И ова е реална опција.

Третата и исто толку погубна варијанта е грчкиот парламент да го ратификува договорот и Македонија под срамно име да влезе во НАТО, но некоја идна грчка влада да стави вето на нашето напредување кон ЕУ. Исто како што Грците направија со привремениот договор со Република Македонија кој во 2008 го прекршија.

Ова е можно да се случи зошто со сегашниов договор, Грција не го признава македонскиот идентитет, а поголемиот дел од грчките политички партии никогаш нема да се помират дека дел од името на нашата држава го содржи името Македонија. Ова е причина повеќе зошто не треба да се имплементира Договорот со Грција.

Во меѓународните односи ако парафирате договор кој се нарекува финален, тоа не значи дека Грција ќе се придржува кон истиот. Впрочем, Грците имаат една феноменално добра уценувачка алатка која ЕУ ја пропагира, а тоа е дека земјите кои сакаат да бидат дел од ЕУ не треба да имаат отворени прашања со ниту една земја членка на ЕУ. И пред земјата аспирант да влезе во ЕУ, она треба да ги реши сите отворени спорови со друга земја членка на ЕУ. Имајќи предвид дека Грците пропагираат дека не можеш да бидеш Македонец, ако не си Грк, поголем број Грци се против договорот, најголемата опозициска партија Неа демократиа е против, тогаш со сигурност може да се претпостави дека уценувачката ЕУ алатка ќе биде применета во иднина без разлика дали ние ќе го промениме своето уставно име или не.

И сега замислете можно сценарио – Република Северна Македонија влезена во НАТО, а заглавена во процесот на пристапните преговори со ЕУ под нови грчки притисоци за промена за јазикот и националноста зошто тие изразуваат иредентизам и неможност за меѓусоседско живеење. Звучи познато? За огромниот број Грци, ние Македонците сме она што им смета и сѐ што е македонско. Со Преспанскиот договор, не се решава македонското прашање со Грција. Напротив, ослабува македонската позиција, а ѝ се остава на Грција уште една можност да стави рампа во иднина.

Во овој контекст не навлегувам во анализа на безобразната дрскост на оние кои се на власт да се дрзнат да се обидуваат да менуваат уставно име на нашата држава која е дел од нашиот идентитет, а со тоа правејќи еден правен меѓународен преседан кој би се изучувал во меѓународните односи како единствен светски пример како да се склучуваат договори на штета на своите интереси.

Затоа бојкотот успеа како заштита за да се делегитимираат политиките на сегашната власт и да не ѝ дозволиме на Грција пак да ни стави вето во иднина.

 

loading...