Дескоски: После ова, Грција може кога сака да нé блокира во НАТО, дури и ако го ратификува Договорот

АКЦИЈА

Кристално јасно е дека на референдумот немаше доволен број на граѓани кои би се изјасниле на поставеното прашање. Сега, кога имаме неуспешен референдум, чувствувам потреба да укажам на една одредба од Преспанската спогодба, која во значителна мерка може да влијае на идните постапки, напиша на својот фејсбук-профил професорот Тони Дескоски, член на тимот кој го доби спорот со Грција за непочитувањето на Времената спогодба пред Меѓународниот суд за правда.

Еве што напиша професорот:

„Денеска гласавме. И покрај сите полемики, моето мислење е дека прашањето беше кристално јасно. Кристално јасно е и дека на референдумот немаше доволен број на граѓани кои би се изјасниле на поставеното прашање.

Сега, кога имаме неуспешен референдум , чувствувам потреба да укажам на една одредба од Преспанската спогодба, која во значителна мерка може да влијае на идните постапки.

Имено, во чл. 2 став 4, точка б, алинеја II (втора, трета и четврта реченица), изречно е пропишано дека поддршката на Грција за наше зачленување во НАТО е условено од исполнувањето на два кумулативни услови:

прво, од исходот на референдумот (кој мора да е конзистентен со Спогодбата) и второ, усвојувањето на уставните амандмани (четири на број). Тоа значи дека без исполнување на кој било од двата услови, Грција нема да има обврска да нѐ поддржи за членство во НАТО. Тоа пак значи, дека дури и да ја ратификуваат Преспанската спогодба во нивниот парламент, ние ќе бидеме во нивна милост или немилост, за тоа дали ќе нѐ пропуштат во НАТО. Грција секогаш ќе може да се повика на неуспешниот референдум, и совршено правно засновано да одбие да го ратификува протоколот за наше пристапување во НАТО. Тогаш, ниту Меѓународниот суд на правдата нема да пресуди за нас.

Оттука, пред да се пристапи кон уставни измени, укажувам на опасноста со која се соочуваме, дури и ако амандманите бидат усвоени“.

loading...