Демократски фронт: Да се угледаме на Македонците!

АКЦИЈА

Денес македонскиот народ им одржа една голема лекција на сите на Балканот, а посебно нас во Црна Гора, за тоа како мирно, достоинствено, храбро и патриотски се чува сопствениот идентитет, демократија и сувереност, соопштија вчера од црногорската партија Демократски фронт (DF).

Ширум Македонија вечерва во 19 часот се затворени избирачките места на кои граѓаните се изјануваа на референдум за промена на името на државата во Република Северна Македонија. На референдумот за името на државата до 18.30 часот гласале 34.09 отсто од избирачите, соопшти Државната изборна комисија (ДИК), пренесува црногорскиот „Вести онлајн“.

„И покрај незапамтеното мешање на странскиот фактор, нечесното и двосмислено прашање, притисокот од Брисел, Берлин, Вашингтон, Париз, Македонците денес покажаа дека слободната волја на народот е посилна од Сорос, глобалистите и нивните марионети. Ја користиме оваа прилика да му честитаме на македонскиот народ на покажаната историска одговорност за зачувување на националното и државното достоинство. Демократски фронт ги повикува сите граѓани на Црна Гора да се угледаме на Македонците и сите крупни политички одлуки да ги донесуваме консултирајќи го народот преку фер и слободни референдуми“, се наведува во соопштението.

Од Демократски фронт додаваат дека не ѝ служи на честа на Црна Гора тоа што нејзиниот премиер јавно се фали дека донеле одлуки против кои е 80% од народот.

„Во минатото Македонците се дивеа и восхитуваа на силата и слободарството на нашите претци, а во ова време ние со голема почит гледаме на отпорот кој на разните моќници им го демонстрираше тој мал горд народ. Ако можат Македонците, можеме и ние. Слобода или ништо“, се заклучува во соопштението на Демократски фронт.

 

Извор: Вести онлајн

loading...