Заев отвори можен датум за предвремени избори …

АКЦИЈА

Во следните неколку дена ќе се направат напори да се разговара со пратениците дали ќе се оформи двотретинско мнозинство за да поминат уставните измени. Ако не, ќе се премине на предвремени парламентарни избори, изјави вечрва премиерот Зоран Заев.

– Ако се оди по сите рокови изборите би можеле да бидат на крајот на ноември – рече Заев.

Тој рече дека не знае колку пратеници би гласале во моментов, но дека се потребни 80 пратеници како двотретинско мнозинство.

– Изборите не би требало да бидат најпосакуваната опција. Првиот повик е најважен. Да ги оставиме суетите настрана. Да не си играме играчки, да ги ставиме интересите на сите граѓани пред сите нас – порача тој и ги повика сите, како што рече, одговорни лидери, секој пратеник да се обединат и да ја одведат нашата земја каде што припаѓа во ЕУ и во НАТО.

На новинарско прашање што ќе преземе натаму тој рече:

– Ќе направам сѐ. Ќе побарам и средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ако треба и со раководството.

– Знаеме сите дека подобар договор со Грција нема и не може да има. Алтернатива за ЕУ и НАТО нема и не може да има. Упатувам лична покана до секој член на парламентот да ги оставиме настрана партиските интереси. Ова прашање е поголемо од сите нас. Ова е момент кога пратениците со својата одлука имаат обврска да ја направат Македонија подобро место за живеење на секој граѓанин – порача Заев.

– Јас сум денеска релаксиран, среќен, моите граѓани се изјаснија. Тоа е убавината на демократијата – заврши премиерот.

loading...