Мицкоски: Заев не треба да се подготвува за предвремени избори, туку за политичка пензија

АКЦИЈА

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, им се заблагодари на граѓаните за резултатот од референдумот. Тој рече дека и покрај заканите, Владата не успеала да го спроведе договорот со Грција, а за малтретирањата – ќе одговараат. Заев не треба да се подготвува за предвремени избори, вели Мицкоски, туку за трајна политичка пензија.

„Бројките јасно го образложуваат расположението на граѓаните. Ова не беше битка за предвремени избори. ВМРО-ДПМНЕ продолжува со активностите за изнаоѓање решенија за проблемите на граѓаните“, рече Мицкоски запрашан дали ќе опозицијата ќе бара предвремени избори.

Претседателот на опозицијата порача дека партијата останува со народот и ќе ја победи власта, а таа си го изгубила идентитетот. Пораката од народот треба да ја почитуваат Владата, Собранието и сите други, рече лидерот на опозицијата.

„Тоа што не успеа овој договор е вина на Заев и Владата. Заев ја лажеше меѓународната заедница. Договорот со Грција доби стоп од народот. Народот на Македонија, кој е сопственик на оваа држава, покажа патриотска свест. Граѓаните што гласаа против договорот и оние што избраа со молчење да кажат што мислат, ја испратија најголемата порака, ова е Македонија“, рече лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.

Тој додаде дека овде живеат Македонци, идентитетот е македонски, предците се Македонци и такви ќе бидат наредните генерации.

„Ќе одговарате за наполнетите кутии во Сарај, Струга, Бутел, каде што се обидовте да ја фалсификувате волјата на народот. Ќе дојде часот кога ќе треба да објасните како приватните броеви на граѓаните се најдоа во рацете на кол-центрите на СДСМ. Ќе одговарате што локални шерифи на СДСМ, директори и функционери на СДСМ, ги малтретираа граѓаните да излезат да гласаат“ , рече тој.

Додаде дека резултатот не е само поради договорот со Грција, туку и поради низата скандали што ја тресеа Владата изминативе месеци.

„Два месеца ширевте невистини, два месеца книжевте нарачани анкети. Колектива хипноза за народот. Велевте дека сте се договориле со мене, па дека ќе ме исфреле од белата палата итн. Еве, стојам и ви кажувам. Македонија ќе победи“, рече Мицкоски.

Македонскиот народ покажа мудрост и не дозволи да биде заведен, вели Мицкоски, кој додаде дека таа волја ВМРО-ДПМНЕ ќе ја следи. За членството во ЕУ и НАТО, тој рече дека тоа се стратешки приоритети, ама народот има други приоритети, како што е името на оваа држава.

„Името ни е големо, велеше Блаже Коневски. Македонија денес соопшти дека договорот не поминува. Имаме длабоко неуспешен референдум. Политиката на Зоран Заев и Владата доживеаја дебакл. Бројот на граѓани што не гласаа или гласаа против договорот е драстично поголем од оние граѓани што гласаа за договорот“, рече Христијан Мицкоски.

Лидерот на опозицијата рече дека изразот на Заев покажува дека му пропаднале тендерите и му пропаднала кариерата.

loading...