Вангелов: Како лаже Мицкоски?

АКЦИЈА
loading...

ПИШУВА: Атанас Вангелов

Јас не сум чул, барем досега, јавно обраќање на водачот на опозицијата Христијан Мицковски во кое, макар и случајно, ќе пропушти да каже дека премиерот на владата Зоран Заев е човек кому не може да му се верува; дека дрско манипулира и безоѕирно лаже. Следува од тоа дека Мицковски е човек кому може да му се верува. Дека тој не манипулира и не лаже. Затоа што само таков човек има морално право да осудува некој премиер кој манипулира и лаже, како што редовно го правел тоа Заев.

Дали е така? Дали е, од збор до збор, токму така како што нè убедува, во неговите чести јавни настапи, водачот на опозицијата? За да одговорам на тоа прашање ќе се послужам со една концизна формула на Мицковски која, според С. Ордановски, ја лансирал на Топ-тема со Снажана Лупевска. Јас пропуштив да ја уочам затоа што тој настап на Христијан го гледав и слушав „само онака.“ Формулата гласи: „организацијата е народот и народот е организацијата.“

Што ни кажува таа формула? Во прв ред дека водачот на опозицијата постава знак на еднаквост („е“) меѓу множеството „народ“ и меѓу множеството „организација“, политичката партија, на пример, ВМРО-ДПМНЕ. Се разбира, Мицковски, како универзитетски професор, добро знае дека една политичка партија е „подмножество“ во „множеството“ (негови омилени изрази) „народ“, како што секој обичен човек добро знае дека секоја политичка партија е само дел од народ, затоа што таа е во народот а не народот во – неа.

Тука не завршуваат проблемите со формулата на Мицковски. Народот на државата Македонија е комбинација од повеќе народи (Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми итн.) кои си имаат свои политички партии – „подмножества“ на тие „множества“ народи, кажано со математичкиот јазик на универзитетскиот професор Мицковски. Бидејќи како еден велеучен човек Мицковски тоа многу добро го знае, треба да се рече дека, во најмала рака, од некои свои побуди, не ја зборува вистината. Или, манипулира и лаже, како што секогаш вели кога го зема на нишан премиерот на владата Зоран Заев.

Што е причината еден учен човек, во улогата на политичар, да се огреши кон вистината до која ептен држи и која е задолжителна за еден универзитетски професор? Причината е во тоа што Мицковски, како и секој политичар, мора да ја повика реториката на помош кога и се обраќа на јавноста, а пак еден учен човек и професор на универзитет мора да се служи со логика и, во најголема можна мера, да избегнува реторика.

Не мора некој човек да биде универзитетски професор за да разбере дека формулата „организацијата е народот и народот е организацијата“ е реторичка, а не логичка, затоа што секој знае дека една или секоја политичка партија е дел од народ, а не народот дел од партија. Секој брзо ќе се досети дека Мицковски сака да каже нешто друго кога вели дека „организацијата е народот…“ Тој сака да каже дека неговата политичка партија е толку блиска до народот, дека до тој степен ја изразува неговата волја и стремежи, што слободно може да се рече дека таа партија е народот и партијата е – тој народ!

Кога некој, како Мицкоски, сака да каже (и) нешто друго со помошта на тоа што отворено (дословно) го вели, тој се служи со една реторичка фигура за која се користи името метафора. Скриената порака „блискост“ се изведува од групата зборови „организацијата е народот…“, а пак кога еден исказ има една видлива и една скриена порака, тогаш тој исказ е двосмислен. Токму онака како што било двосмислено прашањето на претстојниот референдум кое Мицковски го бие од сите свои „орадија“ затоа што владата на Заев, со тоа прашање, го манипулирала и лажела народот. А, го манипулирала и лажела затоа таа влада немала „резултати“ и, само на тој начин, само со манипулации и лаги можела да се одржи на валст.

Ако како политичар Мицкоски мора, како и секој политичар, да се служи со реторика, затоа што тоа помагало користи општ јазик, јазик кој го зборува народот, ако и самиот зборува двосмислено, тогаш има место да се праша: со кое право може тој да зборува двосмислено, а Заев – не? Ако Заев е некој човек кој манипулира затоа што зборува двосмислено, како може тој да не манипулира кога, како политичар (мора да) да го зборува јазикот на народот ако сака да биде разберан од тој народ? Тоа е двосмислениот јазик на реториката. Не техничкиот на логиката, задолжителен за секој универзитетски професор.

И најпосле: не е ли Мицкоски последниот човек кој смее да осудува затоа што и самиот манипулира и лаже? Барем толку колку што манипулира и лаже реториката која убедува. Наспрема логиката која зборува вистина. Ете, токму така маниплира и лаже водачот на опозицијата Мицковски.

Добро, ќе се рече и тоа со право: политиката не е морал и моралот не е политика. Секако, политиката не е морал. Но затоа пак нема добра политика, барем таква до која држи Мицковски, која не е „подмножество“ на „множеството“ морал.

Токму Мицкоски е тој што тоа го вели кога нè убедува дека Заев бил тој што манипулирал и лажел, а пак тој, како човек кој разобличува премиер на влада кој манипулира и лаже е еден морален човек од прв ред. Еден човек кој не лаже. Дури и тогаш кога очигледно лаже, по налог на – реториката!

ПЛУСИНФО.МК

loading...