„Дојче веле“: Паднаа маските – ВМРО-ДПМНЕ отворено повика на бојкот!

АКЦИЈА
loading...

Автор: Катерина Блажевска 

Тајните комитети за бојкот станаа официјални. „Најголем дел од граѓаните одлучуваат да остануваат дома и тоа е она што го очекуваме во недела“, повика вчера потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

ВМРО-ДПМНЕ и јавно ја призна определбата за бојкот, како и постоењето на групи, кои на денот на референдумот ќе го покажат „силниот и масовен отпор на народот“. Ова го соопшти потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на вчерашните средби со граѓани во Општините Центар и Сопиште, при што се повика на „впечатоците од средбите на терен“.

„Волјата е јасна, е забележителна, значаен дел од граѓаните се против договорот, најголем дел одлучуваат да остануваат дома и тоа е она што го очекуваме во недела“, јавно повика Николоски.

Само пред неколку дена тој одби во интервју на „1 ТВ“ да каже како ќе постапи на референдумот, со цел „да не влијае врз гласачите“. Неговото јавно изразено „очекување на бојкот“ три дена пред рефрендумот, ги потврди сите досегашни сомнежи дека официјалниот партиски став бил наменет исклучиво за манипулирање на домашната и меѓународната јавност.

Мицкоски најмизерно манипулира

Извори во партијата кои не се согласуваат со матниот партиски став кон референдумот, потврдуваат дека најголемото манипулирање на граѓаните го прави токму врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Мицкоски и екипата околу него најмизерно ги манипулираат граѓаните и членството. Донесоа партиски став ‘секој да постапи по свое убедување’. Па токму Николоски изјави дека нема да се изјасни како ќе постапи лично, со образложение ‘да не влијаел врз гласачите’. А сега и тој и другите, го прават токму спротивното. Само погледнете штo се случува на Фејсбук. Токму лица од божем ‘неутралното’ раководство ставаат лајкови под секоја објава на пратеници и членови на Извршниот комитет кои се изјаснуваат за бојкот. Со тоа потврдуваат дека декларираниот став на ВМРО-ДПМНЕ е целосно лажен“, коментираат нашите соговорници.

Како еклатантен пример за двојните игри ја посочуваат објавата на Фејсбук на Марија Петрушевска, претседателка на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Петровец.

„Таа повикува ‘не излегуваме да гласаме’, но тоа не го прави од свое име, туку замислете – од името на целиот Општински Комитет во Петровец. Притоа ја објавува и се реферира на објавата нa Цветан Трипуновски, член на Извршниот комитет, која гласи – ‘На 30-ти септември не излегувам’. Јасна е оваа манипулација на Мицкоски, реализирана преку другите нивоа и структури во партијата. Демек, тој е чист, другите така си решиле. На Мицкоски му одговара бојкот, бидејќи знае дека оние што ќе се изјасат ‘против’ ќе бидат мерка за неговиот легитимитет, а тие нема да бидат мнозинство. Затоа сака да се скрие зад сива бројка на апстиненти. Но, граѓаните и нашите сопартијци треба да сфатат дека овој референдум не е за одбрана на лидерската позиција на Мицкоски и за судбината на поранешниот претседател Груевски, туку за иднината на Македонија“, потенцираат соговорниците од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Целиот текст на Дојче Веле

loading...