Апел до Зоран и неговиот пријател

АКЦИЈА
loading...

Ќе се потрудам да бидам краток, но разбирлив.

Многумина се обратија кон оние кое ќе излезат на референдумот, а многумина кон оние што ќе апстинираат. Поминаа скоро сите светски државници да вршат притисок врз македонското население убедувајќи го како да гласа.

За разлика од сите погореспоменати, јас ќе се обратам кон вас двајца. Денес е Понеделник, некои ќе речат остануваат уште 5 дена до молкот за референдум. Не! Јас ќе ви речам дека имате уште 5 дена да ја преиспитате вашата одлука. Ништо не е случено, сѐ уште не сме дојдени до точката од која нема враќање. Зоки, и ти другиот, најдете начин да го прекинете овој референдум, ова лудило! Свикајте го Собранието, поништете го и референдумот и договорот, не дозволувајте нашиот народ да мора да одлучува за невозможното! Го ставивте помеѓу чеканот и наковалното и само вие ја имате моќта да го извлечете од ова што ни се случува.

Слушајте што ви зборувам, немојте да дозволите да дојде овој кобен ден. Тој ден ќе го подели нашиот народ за век и веков. Тој ден ќе го направи она што никому однадвор досега не му успеало. Тој ден ќе фрли таков отров помеѓу луѓето што со децении, а можеби и векови едните нема да можат да се погледнат со другите. Ќе растурите семејства, ќе раскарате фамилии, роднини, соседи, другари, пријатели. Брат брата и син татка нема да сакаат да се видат, а за нашите потомци, господ нека ни е напомош што тие ќе мислат за нас!

Македонија има сили да се извлече од ова и да најдеме друг начин за решавање на проблемите. Убедени сте дека со ова ќе завршат маките, но ви велам дека ќе биде спротивното.

Повлечете го правилниот потег додека е сѐ уште можно. Не го повлекувајте орозот, оти еднаш испукан куршум повеќе не може да го вратите назад! Вие сте на потег, оти прстот на орозот е ваш.

Толку имам да кажам.

Фејсбук статус на Роберт Милески

loading...