Георгиевски: Јас прв го отворив прашањето, ако пропадне референдумот ќе глумиме дека не сме БЈРМ

АКЦИЈА
loading...

Љубчо Георгиевски во интервју за Радио Слободна Европа се осврна на референдумот на 30. септември, даде поддршка и призна дека и тој ќе гласа.

– Не смееме да заборавиме дека ако пропадне референдумот ние и понатаму остануваме БЈРМ, затоа што, како прво, не верувам дека веќе ќе има храбри македонски политичари кои ќе влезат во оваа битка, а сметам дека и меѓународната заедница тотално ќе се олади околу ова прашање, така што навистина сметам дека ова е шанса која треба да се искористи. Не треба на проблемот да се гледа партиски, затоа и јас се согласив да се најдам на еден список на луѓе кои имаат препознатливо вмровско минато, историја, се надевам дека и мене ме препознаваат како ВМРО-ДПМНЕ од поранешно време, вели тој за Радио Слободна Европа.

Додава и дека ќе гласа на референдумот.

– Да, да јас ќе гласам. Сакам да потсетам дека јас сум политичар кој прв го отвори ова прашање, храбро на начин како што денеска го решава господинот Заев. Ќе потсетам дека уште во 2000 година, кога бев премиер, имаше обид со господинот Симитис токму тоа име Северна и Горна Македонија да го решиме проблемот. За среќа тоа беше само за меѓународна употреба, не требаше да биде за внатрешна употреба и не можам да не спомнам дека главни противници беа тогашното раководство на СДСМ и новинарите кои беа околу тогашното раководство на СДСМ, додава тој.

Вели дека е иронија тие што тогаш не дозволиле тој да го реши прашањето, самите го решаваат и тоа на многу потежок начин.

– Мене ми е мило што денеска таа иницијатива ја води господинот Заев и ќе ми биде жал ако пропадне затоа што навистина тоа прашање ќе остане во наредните децении повторно затворено, а она што е најинтересно ние ништо не сме решиле ако пропадне, значи ние ќе си останеме БЈРМ и сите колективно ќе глумиме дека гледаме дека не сме БЈРМ, а фактите го зборуваат дека три децении веќе живееме со тоа име, додава георгиевски.

loading...