Додавката Северна, најприфатливо решение на спорот

АКЦИЈА
loading...

Помеѓу Република Македонија и Република Грција, дваесет и пет години постоеше спор околу нашето име, што ја оневозможуваше нашата држава да се приклучи кон ЕУ и НАТО. Со склучувањето на Привремената спогодба од 1995 година беше определено во ООН нашата земја да биде примена под привремената референца FIR-Macedonia, сè додека не се најде прифатливо решение за двете страни во спорот. Сите влади на РМ, од тогаш па до денес, правеа обиди да се реши овој долгогодишен спор и да се најде заемно прифатливо решение по однос на името на нашата држава, со кое би бил сочуван идентитетот на нашиот народ.

Со Договорот потпишан од министрите за надворешни работи на Р. Грција и Р. Македонија во Преспа, дојде до конечно решавање на спорот, на начин што на постојното име на нашата држава се додава географската одредница – Северна. Од наведеното, јасно произлегува дека со Договорот од Преспа, НЕ СЕ МЕНУВА нашето име Македонија, туку се дополнува/прецизира со додавката Северна.

Име без Македонија

Р. Македонија уште од осамостојувањето се судри со многу проблеми околу нејзиното меѓународно признавање, а поради цврстиот став на Грција, дека ако сакаме да бидеме признаени како држава, во таков случај не треба да го користиме терминот Македонија. Ваквиот цврст став на Р. Грција наиде на одобрување и кај повеќето земји на Европската Унија, така што во 1992 година Европската комисија при ЕУ, во Лисабон, донесе Декларација со која ги повика земјите членки на ЕУ, да ја признаат самостојноста на нашата држава, но при тоа во името на државата да не стои терминот Македонија.

Во тој период врз власта во Р. Македонија беше вршен голем притисок од видни политичари од Европа да го промениме името на нашата држава – Македонија, и да се именуваме со друго име. На наш високорангиран политичар-функционер во тој период, при неговата посета на Австрија, од страна на тогашниот премиер на оваа држава Алојз Мок, му беше даден предлог нашата држава да ја именуваме како Централна Балканска Република, при што Европската Унија богато ќе нè наградела со финансиски средства.

Во случај да го прифатевме ваквиот предлог, државата би била обезличена, а мнозинскиот народ на оваа држава би се именувал како – Централнобалканци. Претседателот Глигоров кому му беше пренесен овој предлог, со индигнација го отфрли, а политичарот што го пренесе овој предлог, и за кој тврдеше дека е разумен, беше сменет од функција.

Во наредниот период со помош на САД и високиот дипломат Ричард Холбрук дојде до компромисно решение помеѓу Р. Македонија и Р. Грција. Тогаш беше склучена Привремената спогодба од 1995 година, по што нашата држава во ООН беше примена под референцата FIR Macedonia. Од ова произлегува дека и во привремената референца, под која бевме примени во ООН, стоеше нашето вековно име Македонија.

Познато е дека во периодот што следуваше, Р. Македонија беше блокирана од Р. Грција за влез во НАТО и во ЕУ, што значи дека ние моравме да изнајдеме некакво решение на овој долгогодишен спор. Во текот на преговорите со Р. Грција, во изминатиот период беа понудувани различни додавки на името Македонија, како што се Вардарска, Илинденска, Горна и сл. Кога на постојното име Македонија би прифатиле да се додадат додавките како што се Илинденска и Вардарска, придавки што се составени од повеќе слогови, тие тешко би се изговарале и преведувале на англиски, француски или германски јазик. Додавката на името Северна на англиски се преведува како North, збор што е составен од еден слог и е лесно изговорлив.

Безбедна иднина

Наводите на некои политичари и јавни личности, кои во своите јавни настапи тврдат дека, ако сме ја прифатиле додавката Северна, ќе сме станале Северномакедонци, се целосно неосновани, еве од кои причини.

Во Р. Северна Ирска живеат Ирци и Англичани, а не Северноирци и Северноангличани.

Со Договорот од Преспа, државјанството останува македонско, а јазикот е определен како македонски јазик, со што се потврдува нашиот идентитет. Имајќи го предвид сето тоа, како граѓанин на оваа држава цврсто сум решен да гласам ЗА на претстојниот референдум, сè со цел референдумот да успее и мојата држава конечно да ја обезбеди својата иднина. Во случај референдумот да не успее, иднината на мојата татковина станува неизвесна. Според мене, во овој одлучувачки момент за нашата држава граѓаните ќе треба да се произнесат по однос на тоа дали сакаат стабилна и економски побогата држава или неизвесна иднина.

Останувам со надеж дека граѓаните на Р. Македонија на претстојниот референдум ќе донесат мудра одлука, со која ќе го поддржат нашиот влез во ЕУ и во НАТО, а со тоа ќе се обезбеди сегашноста, а и иднината на државата.

(Авторот е адвокат)

Извор

loading...