Е, добро де, ајде на вонредни избори …

АКЦИЈА

Да претпоставиме вакво сценарио: референдумот блескаво да успее (знаеме, знаеме, дефиницијата на „блескавоста“ ќе биде отворена за различни интерпретации), а во Собранието да не се собере мнозинство од 81 пратеник кои би гласале за промена на Уставот, согласно Договорот од Преспа.

Тогаш, на еден или на друг начин, доаѓаме до логичен демократски расплет: се распишуваат итни вонредни избори, предвидени со уставните рокови.

За тоа прашање ќе одлучува сегашната коалиција на власт. Плебисцитот од референдумот ќе се пресели во силен налет на изборен гласачки плебисцит по прашање на евро-атлантските интеграции. Таа енергија најверојатно ќе биде предводена од една голема изборна коалиција во која ќе се најдат обединети најголемиот број парламентарни и вонпарламентарни партии, на чело со СДСМ и ДУИ, поддржана од Токио до Осло. Поплава!

А што ќе се случува на „другата“ страна? Мислам дека е тоа едно од најлошите сценарија по ВМРО-ДПМНЕ. Нивната некогашна коалиција е сосема распадната, до непрепознатливост. Самата ДПМНЕ, пак, е поделена по сите вертикални и хоризонтални линии, па е големо прашање – ако ништо друго! – како таму ќе се избегне „граѓанска војна“ макар по една основа: Кој, по итна постапка, ќе ги прави новите кандидатски листи за пратеници за потребите на вака распишаните избори?

Еве, не ве брзам, самите размислете за одговор на ова прашање… Кој ќе одлучува? Мицкоски? Потесното раководство на партијата? Поширокото? Средното? Или Идризово и Шутка? … Кој од сегашниот пратенички состав ќе се најде на тие листи – Антонијо, Трајко, Илче, Стевананџија, Влатче…? Груевски? … Кој, пак, од реформското крило ќе се стекне со добитно изборно бројче? А од преостанатите коалициони микро-партии кој ќе им се придружи со свои губитнички кандидати во ова катастрофално сценарио? …

Има да се сечат вени, сопствени и туѓи. Ви велам, од ваквиот развој на настаните кај вмровците ќе има толку многу „давеници“, што катастрофата со потонувањето на Титаник ќе личи на бура во филџан вода! Таму и сега нема доволно „појаси за спасување“, а има да настане тепачка за преостанатите два-три чамци токму како да е во прашање борба на политички живот или смрт!

Дури, не е тешко да се претпостави дека, во таквата прединфарктна внатрепартиска состојба, единствениот излез за ВМРО-ДПМНЕ е да прогласи дека вака распишаните вонредни избори – под каков сакате изговор – ќе ги бојкотира. Убаво. И, што ќе постигнат со тоа, кој видел аир од бојкоти? На нивните солзи и сега никој во светот не им верува, а не па во вака очајничко сценарио. Ќе ги остават да скапаат во опозиција во наредните (празно место, пополнете по желба) години. Заев не ќе можеме со шпакла да го откорнеме од власт.

(Всушност, во ова сценарио, врз маката на ДПМНЕ можно е Левица да закачи едно-две места во Собранието… Хе-хе-хе…)

А, што се однесува до Договорот од Преспа, ако е воопшто потребно, со едноставен анекс од една реченица грчката и македонската влада можат да ги продолжат роковите за некоја недела, додека се причека на составување на новото – би прогнозирал: двотретинско – парламентарно мнозинство. Првата одлука на новиот собраниски состав: промена на Уставот според Договорот од Преспа.

Кому во ВМРО-ДПМНЕ му одговара ова сценарио? Практично, никому. Ниту на партијата, ниту на Фамилијата, а најмалку на каузата.

Затоа и препорачувам да нема преголеми секирации, ќе се најде доволен број пратеници од сегашната собраниска опозиција кои – затоа што совеста така им налага! – ќе гласаат за промена на Уставот. Не е, белки, таму на сите чавките да им го испиле мозокот?!

Извор: Цивил медиа

loading...