Од 1-ви јануари детски додаток ќе земаат и семејствата со еден вработен кои имаат минимална плата

АКЦИЈА
loading...

Од 1 јануари 2019 година бројот на деца кои ќе користат детски додаток од сегашните 3.200 ќе се зголеми на 73.500 бидејќи оваа поволност ќе ја користат и семејства во кои еден родител е вработен и зема минимална плата.

– Критериумот зошто имаме толкаво зголемување е тоа што сега семејство во кое еден родител е вработен и коешто има минимална плата ќе може да ја добие оваа поволност. Досега тие не беа вклучени, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната редовна прес-конференција во Владата.

Отсега и децата кои потекнуваат од семејства од социјален ризик и семејства со ниски примања ќе земаат образован додаток така што бројката од 3.800 деца кои досега го користеа овој додаток, ќе се зголеми на 64.316.

ПОВРЗАНО …

Исто така, се намалува границата за пензионирање на уште една професија

Наместо на 58, рударите ќе може да се пензионираат на 50 години. Со измените на Законот за пензиско и инвалидско осигирување, на рударите кои работат во подземен коп за пензионирање ќе им биде доволен и работен стаж од 35 години за жени, односно 40 за мажи, а за секоја година ќе биде пресметуван бенефициран стаж.

“Пропорционално се намалува и времето поминато на работа со бенефициран стаж. До сега тие требаше да акумулираат неколку години за да го остварат бенефицираниот стаж на пример 12 или 18 години. Сега за секоја година се пресметува бенефициран стаж и така побргу ќе навршат 40 години бенефициран стаж и ќе може да заминат во пензија”, вели Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

Новите законски измени во текот на следните две години ќе овозможат околу 100 рудари да заминат во пензија.

Во Република Македонија, рударството е многу значајно индустриско производство и како сектор учествува со 8,31% во индустриското производство, а во рударскиот сектор се вработени околу 10.000 лица.

loading...