За мнозинството судии одлуката за референдум не е неуставна: Правни недостатоци има, но не се суштински

АКЦИЈА
loading...

Мнозинството од судиите не се согласуваат со предлогот на Гошева, Уставниот суд да поведе постапка и да изрече времена мерка за стопирање на активностите за референдумот.

Како што пренесува Канал 5, според уставниот судија Дарко Костадиновски, има постоење на правни недостатоци, но оти тие не се суштински и не се причина за поведување постапка. Според него, прашањето не е двосмислено и нејасно.

„Предлагачот, односно Собранието, сака да ги консултира граѓаните. Трите прашања срочени во едно имаат причинско-последични врски. Тоа не ги доведува во заблуда граѓаните. А дали бил надлежен Димитров, не е тема на денешната иницијатива и расправа“, рече Костадиновски.

Со сличен став е и судијата Осман Кадриу, кој оцени дека ниту една одредба од Уставот не е повредена со одлуката за референдум и најави дека ќе гласа против предлогот на Гошева.

Судијата Сали Мурати направи споредба со референдумот од ’91 кога истo така, како што рече, имало повеќе прашања во едно и за него не треба да се проблематизира од уставен аспект.

Судиите Влатко Стојановски, Вангелина Маркудова и Насер Ајдари во дискусијата исто така наведоа дека не треба да се поведе постапка, пренесува Макфакс.

Од друга страна, репортерот на Инфомакс пренесува дека судиите кои го „бранат“ референудмот тоа го прават врз основа на Законот за референдум кој меѓудругото исто така е оспорен пред Уставниот суд поради спротивност со уставните начела.

Ова, ја доведува во прашање одговорноста на уставниот суд и судиите кои одлучуваат за уставноста на референдумот врз основа на Закон кој е оспорен поради неуставност, пишува Инфомакс.

loading...