Поповски: На 30-ти ќе нема причина за славење

АКЦИЈА
loading...

Пишува Никола Поповски за Независен.мк

Овој септември Македонија одбележа 27 години од својата независност прогласена во 1991 година. Во таа не толку далечна 1991 година, во неделата на 8 септември на многу гласачки места и по селата и градовите луѓето славеа цел ден. Познавам луѓе, некои за жал веќе заминати од овој свет, кои на гласање отидоа или веднаш по гласањето заминаа оттаму со музика зад нив и со раце подигнати во височина, симболизирајќи лична радост и задоволство во душата. Тапани, зурли, знамиња, музика… Ноќта кога резултатите станаа познати прославите ескалираа, за што, за среќа, сè уште постојат многу живи сведоци, но и документи и тонски и видео снимки.

Во животот на човекот границата од 27 години се смета за премин од младоста кон зрелата доба. Со државите очигледно тоа е малку поинаку. Особено со нашата. Таа денес се чини како допрва да се родила и почнува да си го бара своето место во надворешниот свет. Тоа не е така, но се чини дека е така. Исто така, сите знаеме, или барем се надеваме дека знаеме, дека на самиот ден 8 септември се одбележува нашата независност, иако таа, де факто, се случи дури два месеца подоцна со донесувањето и прогласувањето на Уставот на независна Република Македонија. А дури во мај наредната 1992 година, како последица на тие наши дејствија и по многу тешки и не толку извесни преговори, како што од сегашен агол изгледаат, армијата што порано се нарекуваше ЈНА, а која од 1991 година падна под целосна контрола на режимот на тогашниот српски претседател Милошевиќ, си замина од Македонија на еден недостоен и срамен, полунепријателски, полудрзок начин. Но тоа е друга тема… Независноста тогаш суштински започна, а Македонија на прсти од едната рака можеше да ги изброи државите што ја признаваа дека воопшто постои како држава. Повеќето сакаа да нѐ нема и активно работеа на тоа.

Тоа беше сè до наредниот април во 1993 година кога земјата стана полноправна членка на ОН. Процесот на признавање потоа протече полесно и некаде до крајот на 1996 се заврши со воспоставување на формални дипломатски односи со сите земји во светот со кои тоа беше важно и нужно за да опстанеме. Траумата што членството во ОН се случи со референцата ПЈРМ (формално-правно таа постои само како целосно напишана форма) е сè уште актуелна, иако околу 140 држави во светот нѐ признаа како Република Македонија и во нив спаѓаат и оние држави што не можат да бидат уценети со никакво вето од страна на Грците, а тоа се, според редоследот на признавањето, Русија, Кина и САД.

Од денешен агол гледано, приемот и признавањето во ООН и од страна на големите воени и дипломатски сили како клучен настан се случија бргу, во рок од неколку години, но тогаш не изгледаше така. Секоја седмица и ден беа полни со неизвесност и исчекување. Секој ден претежок во услови кога на северот од Македонија беснееше крвава војна во која учествуваа четири од поранешните шест републики на поранешната СФРЈ. Познатиот нобеловец по литература и славен советски и руски писател Александар Солженицин во последната реченица од својот брилијантен краток роман „Еден ден на Иван Денисович“, во кој го опишува робијашкиот ден во еден советски гулаг, по еден сосема поинаков повод ќе напише: „Такви денови во неговиот рок, од ѕвоно до ѕвоно, беа три илјади шестотини педесет и три. Поради престапните години – три дена се вишок“. Не се сеќавам дали во 1991 и 1992 година имавме престапна година, но ако имало, и тој еден 29 февруари сигурно беше многу тежок. Сеедно. Независноста се прослави како голем дострел и луѓето спонтано и среќни славеа. Слават и ден-денес на секој 8 септември.

Оваа година имам впечаток дека прославата беше бледа и некако недоволно искрена. Потисната и ставена во сенка на еден друг референдум што нѐ очекува и што треба да се случи на 30 септември. Тој референдум, барем на пропагандно ниво, се претставува како продолжеток на оној од септември 1991 година и со еднаква тежина. Сепак, мислам дека споредбата ни по содржина ни по значење не е соодветна. Уште помалку кога се прават паралели и споредби со важноста на настаните од 1903 – 1944 – 1991. Линијата Илинден – АСНОМ – независност е многу позначајна, помоќна и поважна за да се споредува и продолжува со настанот од септември 2018 година. Претходниве беа градителски и обединувачки настани. Но, за кратко, да ги оставиме настрана Илинден 1903 и АСНОМ 1944 година.

Септември 1991 година беше обединувачки, а погледнато од дистанца од 27 години, и голем ден за Македонците. За жал, не беше целосно обединувачки за Македонија како држава поради фактот што од него апстинираа (денес тоа би се нарекло – го бојкотираа) сограѓаните Албанци. Излезноста беше над 70 отсто, а позитивното изјаснување над 97 отсто. Референдумот 2018 веројатно нема да постигне такво квантитативно единство и нема да биде обединувачки ни за Македонците, а ниту за Македонија. Целата концентрација е на тоа дали на референдумот ќе има половична излезност на граѓаните што би го легитимирало како демократска институција. Поделеноста во врска со референдумската дилема формулирана во прашањето е прилично изразена во општеството. Поделби веројатно нема само кај граѓаните од албанската заедница и некои од другите помали заедници, кои веќе се изјаснуваат дека практично едногласно ќе се изјаснат позитивно на референдумот. Таквата состојба на поделби во општеството ќе остави траги во националната свест и веројатно нема ни бргу ни лесно да се заборави како ново трауматично национално искуство.

Конечно, доколку одлуката од референдумот е толку важна и со историска тежина како и оние од 1903 – 1944 – 1991, можеме ли јавно да се прашаме: дали на 30 септември некој ќе оди на гласање со музика, знамиња и непречена радост и дали обезбедувањето натполовична излезност и позитивно гласање ќе се слави со собирања, музика и говори по плоштадите и домовите или во објектите на највисоките државни институции? Дали некој веќе купил шампањско? Ќе си дозволам малку да шпекулирам и да претпоставувам дека одговорот веројатно е – не. Би било добро да е така, бидејќи ќе нема многу причини да се слави денот кога се простуваме од нешто вековито и наше. Нема да има ни потреба тој ден да биде историски и да го славиме во иднина како оние денови од 1903 – 1944 – 1991 година ниту да го прогласуваме за државен празник. Придобивките од референдумскиот компромис можат да бидат позитивни и прагматични за иднината на оваа нација и држава, но секако тие не се од рангот на оние претходните и особено не можат да се одбележуваат и слават. Штом е така, тогаш септемврискиот референдум 2018 според својот дострел не може да биде продолжение на септемврискиот референдум 1991 година или на Илинден 1903 и АСНОМ 1944 година. Ни приближно.

loading...