Заев зборуваше македонски, ама Коѕијас ни кажа дека 41 година имаме признат македонски јазик!

АКЦИЈА

Фасцинацијата од фактот што премиерот Зоран Заев проговори во Европскиот парламент на македонски јазик и тврдењето дека тоа значело дека Европската Унија ги признава постоењето на нашиот јазик и нашето право и официјално да се обраќаме на сопствениот јазик во Стразбур и во Брисел, за жал, говори и за многу незнаење, но најмногу за тоа дека ние веројатно сѐ уште не се разбираме најдобро дури и кога со одобрување ги толкуваме деловите од договорот од Преспа кои се однесуваат на нашиот идентитет и сегашните и идни придобивки од процесот на нашата интеграција во ЕУ и НАТО, имено во поглед на „гарантирањето“ на нашиот идентитет.

Греши тој што тврди дека договорот од Преспа „го гарантира“ или „го обезбедува“ нашиот идентитет. Сосема е можно и мене во написите и во јавните настапи да ми се поткраднала таква непрецизност, ама во случајов прецизноста навистина е многу важна работа. Значи, да се потрудиме да бидеме прецизни: договорот во Преспа ги гарантира главните атрибути на нашиот национален идентитет (формалното именување на националноста-државјанството како македонско од Република Северна Македонија и формалното именување на службениот јазик како македонски) и ја дефинира суштинската разлика на разбирањето на македонскиот идентитет како античко-македонски (така како што го разбираат Грците, со среќа нека им е) и разбирањето како словеномакедонски (така како што го разбираме ние, согласно со објективната историска вистина, конечно, фала му на бога).

Зборува ли некој друг на македонски јазик освен Македонците?

Значи, најпрецизно што може: билатералниот договор со Грција, како и сите други билатерални и мултилатерални договори, ги именуваат атрибутите на идентитетот на една државна заедница, но не го определуваат самиот идентитет. Зошто? Затоа што нешто што објективно постои, како неспорен факт и феномен, едноставно, не може да се оспори. Работа на договор (конвенција) е кој е најубавиот врв на светот. Тоа да. Но, неспорен факт е дека највисок е Монт Еверест. Наспроти сфаќањата што се застапуваа дури и во нашата јавност, во еуфоријата пред сѐ поизвесниот успешен исход во последната фаза на преговорите меѓу Скопје и Атина, имено дека нашиот идентитет е само прашање на конвенција, а не факт (та би можело да се договориме, се велеше, да се именуваме било како, вклучително и Северномакедонци, а и нашиот јазик, нашата татковина, да го наречеме северномакедонски), сепак, преовладеа разумот и разбирањето дека е бесмислено да се менуваат реалноста и историските објективности.

Долги години пишувам дека преговорите меѓу Македонија и Грција не се водат за нашиот идентитет. И оп, моите опоненти, постојано вадат по некој кец од ракавот, по некоја изјава на овој или оној политичар, дека идентитетот е дел од преговорите. Па да, не велам не, ама за што точно се преговараше во врска со нашиот идентитет?

Фасцинантно е тоа што дури по склучувањето на договорот од Преспа, мнозинството Македонци разбраа дека македонскиот јазик, како еден од клучните атрибути на нашиот идентитет, формално е признат од ООН уште во 1977 година. Луѓе мои, дочекавме ова да ни го каже шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас! И сега, зошто некој да има потреба да се признава нешто што веќе е формално признато, а што е уште поважно, нешто што објективно постои? Македонскиот јазик е посебен јазик во групата јужнословенски јазици, кодифициран во средината на минатиот век (малку подоцна од некои други јазици на Балканот). Тоа е јазик на кој се пишуваат дела кои се преведуваат на речиси сите светски јазици. Но, најважно од сѐ – македонскиот јазик се говори само во Македонија, односно само од Македонци. Кој друг во светот говори на македонски јазик? И како тогаш, кога правилата на игра тоа го дозволуваат, би требало да зборуваат Македонци од говорниците во Стразбур или Брисел, или во зградата на ООН на Ист Ривер? На кој јазик?

Има ли некаде други Македонци?

Ама баш исто е кога зборуваме и за идентитетот на нашата (политичка) нација, која во договорот од Преспа формално се именува со името на најбројната етничка заедница во нашата земја (Македонци) и со прецизирање на новото име на државата (Република Северна Македонија). Некои упорно велат дека тоа ќе значело дека ние сега, наместо Македонци, ќе сме станеле Северномакедонци. Јас не велам дека нема да има обиди за такво преименување. Напротив. Но, тие обиди, освен со словото на договорот и со нашиот силен отпор, ќе се судрат и со простата логика – живеат ли во некоја друга држава некои други Македонци, за да биде нужно да се направи разлика и ние да се наречеме Северномакедонци?

Еве, ако нешто спобудалиме (некои и спобудалеа, барем на кратко), па самите решиме да се наречеме Северномакедонци, дали Грците во Северна Грција ќе почнат да се нарекуваат Македонци, а не Грци? Дали јазикот на кој зборуваат тогаш ќе го наречат македонски? Се разбира дека не. И никогаш, ама баш никогаш, не било поинаку. Нема простор ниту за страв ниту за будалење, мили мои Македонци! Има само дополнителен мотив и сила за нова, европска промоција на нашата самобитност!

Оспорувањето на нашата самобитност, на нашиот идентитет, секогаш беше политички проект, а не обид да се оспори нешто што објективно не може да се оспори. Обидите на Софија и на Атина да се негира нашата самобитност – од различни позиции, се разбира – не беа обид да се „преземе“ нашиот идентитет (нашиот „бренд“, велат некои), туку нешто сосема друго. Во својата злонамерност, во случајот на софиските политички кругови, тоа беше обид да се демонстрира доминација, една задоцнета реминисценција на егзархиските политики од минатото. Во својата длабока ирационалност, грчкото негирање на Република Македонија почна како обид на Мицотакис да му помогне на Милошевиќ да ја задржи Македонија. Во својата рационална димензија, пак, во случајот на Бугарија, тоа оспорување беше реакција на нашите обиди да ја монополизираме словенската култура и писменост во нејзините зачетоци и да ги негираме очигледните идентитетски колебања на нашите преродбеници и револуционери; во случајот на Грција, пак, тоа беше реакција на идентитетскиот инженеринг на лудакот Груевски, кој тезите за нашето директно потекло од Античка Македонија ги промовираше како државна политика.

Со сите свои слабости, за кои сум пишувал и говорел многу пати, договорите со Бугарија и со Грција, содржат одредби за ставање крај на овие спорови – во односите со Бугарија сега зборуваме за феноменот на „заедничка историја“, а во односите со Грција се откажуваме од нашата ионака пропадната античка приказна. Ќе се судриме ние со големи проблеми во имплементацијата на тие нови наративи, но најважно е што договорите јасно изразуваат политичка волја и формално-правна обврска на нашите соседи да престанат со оспорувањата на нашата национална самобитност.

Целата статија на Геровски прочитајте ја на ПлусИнфо.мк

loading...