Савески: Павле го ослободија, нас нè влечат по судови

АКЦИЈА

Здравко Савески, активистот на „Левица“, на неговиот профил на „Фејсбук“, напиша дека поради отсуство на обвинителката Снежана Бундалевска Георгиевска, денеска во кривичниот суд во Скопје, повторно било одложено рочиштето за него и за Владимир Куноски. Тие заедно со Мариглен Демири се обвинети за демолирање на канцеларијата на претседателот Иванов за време на протестите на шарената револуција.

Савески на „Фејсбук“ напиша: „Пак ни го одложија судењето! Речиси две и пол години нè влечат за ништо по судови. СДСМ ќе дозволел независно обвинителство? А бе ајде. Обвинителката, немајќи аргументи и докази, намерно прибегнува кон одолговлекување на процесот бидејќи таков партиски налог доби. А јаки ми се провладините медиуми и организациите за човекови права. МОЛК за нашето малтретирање по судовите! Го ослободија Павле и замолкнаа! Нас што не’ влечкаат по судови – не е важно! Не сте со нас – што ни е гајле за вашите човекови права! Берете ум луѓе, не само што не се променија работите, туку наскоро ќе станат уште полоши. Кој може нека бега од земјата. Овде веќе нема иднина“.

Како што претходно објави „Макфакс“, скопските обвинители постојано ги одлагаат рочиштата за обвинетите во шарената револуција поради различни причини. Рочиштето за Мариглен Демири кое го суди судијката Славица Андреевска е закажано за 28 месецов.

loading...