Моша Пијаде: Бугарија не може да се ослободи од шовинизмот кон Македонија?

АКЦИЈА

– Бугарија сака федерација со Југославија, односно не сака да биде една од седумте федерални држави на Балканската федерација а „великобугарскиот шовинизам во врска со македонското „прашање“ и останките на великобугарските хегемонистички тенденции воопшто е она што досега го осуетуваше федеративното обединување на Југославија и Бугарија, односно на бугарскиот народ со народите на Југославија, – пишува Моша Пијаде во брошурката „За прашањето на Балканската федерација“, објавена на македонски јазик во скопска „Култура во 1949 година.

Пишува: Блаже Миневски
Извор: Денешен.мк

Според сведоштвото на Моша Пијаде, објавено во брошурката „За прашањето на Балканската федерација“, печатена на македонски јазик во скопска „Култура“ во 1949 година, а чиј оригинален примерок се чува во збирката за ретки книги во НУБ „Свети Климент Охридски“, во декември 1944 и јануари 1945 година биле одржани неколку тајни средби за формирање на јужнословенска, односно балканска федерација. Предлогот за федеративно обединување на Југославија и Бугарија дошол од Политбирото на ЦК на КПЈ и Сојузна влада во ноември 1944 година, значи околу два месеца по деветосептемвриската промена во Бугарија.

Во предлогот меѓудругото се инсистирало на „што поскоро обединување на федералните држави, кои што сега се наоѓаат во составот на Демократска Федеративна Југославија, и Бугарија, во една федеративна држава“.

Бугарите сакаат само „Пакт за заемна помош“?!

Во аналитичкиот запис на Моша Пијаде стои дека југословенскиот проект за балканска федерација бил испратен во Софија, а потоа од таму стигнал одговор со вид на нов предлог. Во член петти од тој предлог стоело дека Бугарија се согласува со иницијативата „за обединување на Демократска Федеративна Југославија и Отечествено-фронтовска Бугарија во единствена федеративна држава“.

Веднаш потоа, во декември 1944 година, Кардељ заминува на преговори во Софија, а резултат на тие преговори е сосема нов текст на спогодбата за кој Кардељ го известува Тито од Софија со писмо од 23 декември:

„Денеска разговарав со секретарот на Бугарската компартија другарот Костов… Тие направија нов предлог, наместо нашиот, којшто главно се сведе на „одбранбен сојуз” односно на некаков „Пакт за заемна помош“.

Сепак, пишува Пијаде, и покрај разликите, беше договорено делегациите да продолжат со работа на спогодбата. Делегациите се состанаа и преговараа во јануари 1945 година. По првото среќавање секоја делегација подготви свој проект за договор, а обата беа на база на федерација. Но тука веднаш се покажа разлика во сфаќањето. Нашиот проект во првиот член утврдуваше дека „Демократска Федеративна Југославија и Бугарија се обединуваат во една федеративна држава која што сега ќе се состои од седум федерални делови и тоа: Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина — кои што ќе имаат заедничко народно претставништво и заедничка федеративна влада, и кои што ќе сочинуваат единствена царинска територија.

“Во членот три стоеше дека „се образува заедничка бугарско-југословенска комисија со седиште во Белград со назив „Комисија за јужнословенско обединување“ со задача да се изработи проект на уставот на заедничката федеративна држава. Во таа комисија ќе влезат претставници на Бугарија и шесте федерални делови од Демократска Федеративна Југославија, кои што ќе ги именуваат соодветните влади“.

Во проектот на бугарската делегација првиот член гласеше:„Владата на Бугарија и Владата на Југославија изјавуваат дека пристапуваат кон обединување на Јужните Словени преку образување на заедничка федеративно уредена држава која што ќе се вика „Федерација на Јужните Словени” (ФЈС) со заедничко народно претставништво, со заеднички министерства за надворешни работи и војската и со сите останати заеднички установи и министерства кои што конечно ќе се установат во заедничкиот устав на ФЈС, кој што треба да се изработи како последица од конечното остварување на овој договор“.

Во вториот член Бугарите инсистираа на тоа дека „почетокот од остварувањето на таквата федерација ќе се изведе со ставање во дејство на специјален заеднички орган на таа федерација — привремениот совет за Јужнословенското обединување (ФСЈУ) со седиште во град Белград. Овој совет се образува на паритетни начела од претставници на обете влади…“

„Тајанствено новинарско прашање“

Според разликите во концептот, пишува Пијаде, беше сосема јасно каква федерација сакаше нашата, а каква сакаше бугарската делегација во тие преговори. Работата е многу едноставна и не мора да остане „тајанствено новинарско прашање“. Тргнувајќи од ставот дека Бугарија долго време беше независна држава, бугарската делегација сметаше дека Бугарија, стапувајќи во федерација со Југославија не треба да се израмни со деловите на Југославија, па затоа федерацијата треба да ја сочинуваат само две единици: на една Југославија со сите шест свои федерални единици, а на друга сама Бугарија како рамноправна со таквата шесточлена Југославија. Значи, Југославија би била федерација во дуалистичен однос со Бугарија, Бугарија би ја имала политичката тежина на останатите шест југословенски држави, а бугарскиот народ тежината на петте останати југословенски народи, – пишува Моша Пијаде во својата брошурка „За прашањето на Балканската федерација“, објавена на македонски јазик во Скопје пред 66 години.

Во ексклузивното сведоштво, објавено во брошурата на издавачката куќа „Култура“ стои дека „нашата делегација инсистираше на федерација на рамноправни народи, онака како што веќе е остварено за петте југословенски народи во Југославија, значи, за федерација во која што Бугарија е една од седумте федерални држави. Во меѓувреме, имајќи ги предвид разликите во ставовите, не стана ништо ни од спогодбата за пријателство која што веќе беше готова за потпис“.

„Англо-американците, ползувајќи ја тогашната состојба на Бугарија, спречија Бугарија да склопува било какви договори со други држави. Подоцна, колку повеќе се развиваа односите помеѓу Југославија и Бугарија, стануваше се појасна неискреноста на бугарските раководители и нивните комбинации кои што немаа многу врска со рамноправноста на јужнословенските народи ни со вистинското право за самоопределување на македонската нација. Навалувањето за итно правење на федерација, баш во часот кога ЦК на КП на Бугарија веќе бил стоел на становиштето на писмото од ЦК СКП (б) против нашата Партија, покажуваше само политички сметки со задни намери. Ете тие задни намери на кои што им е основната подлога во великобугарскиот шовинизам во македонското „прашање“ и во останките на великобугарските хегемонистички тенденции воопшто, тоа е на што досега го осуетуваше федеративното обединување на Југославија и Бугарија, односно на бугарскиот народ со народите на Југославија.

Постојаното условување на решението на прашањето на односот на Пиринска Македонија со Народна Република Македонија со остварувањсто на федерација и на спогодбата помеѓу југословенската и бугарската влада нема врска со ленинистичкото сфаќање на правото за самоопределување на народите. Но од чисто практични причини нашата влада се согласи со тоа. Имаше време кога раководителите на КП на Бугарија беа и за тоа Пиринска Македонија да се спои со Народна Република Македонија во составот на ФНРЈ. Не навлегувајќи овдека понатаму во тоа ќе го наведеме местото од писмото кое што на 2 ноември 1944 година го пишуваше од името на ЦК на КП на Бугарија нејзиниот секретар Трајчо Костов „До маршал Тито и ЦК на КПЈ”, каде што говори за „слободна и единствена Македонија во рамките на нова Југославија“.

Писмото е куцано на машина и карактеристично е дека она „в рамките на нова Југославија” го додал со своја рака, со мастило, Т. Костов. Може да се наведе и дел од една телеграма потпишана от ЦК на КП на Бугарија, а испратена до нашиот ЦК на 11 ноември 1946 година, жалејќи се на статии во „Борба“ и „Политика“ за проектот на бугарскиот устав и каде што се вели: „Ние многу би го молеле ЦК на КПЈ да го разгледа прашањето и да побара можност да се олесни нашата борба против непријателите … кои што прават се’ за да го попречат братското единство помеѓу бугарскиот народ и народите на Југославија и обединувањего на македонскиот народ на базата на Народна Република Македонија во рамките на Федеративна Народна Република Југославија.“ Сега тие го сметаат тој став како став на наш ’шовинизам’, – запишал Пијаде во 1949 година.

Соседите не го направија ни првиот чекор!

Во продолжение на оваа мошне интересна анализа, Моша Пијаде подвлекува дека „легитимација на нашите ставови за рамноправност на македонскиот со бугарскиот народ е живата и стварна Народна Република Македонија, остварена уште во текот на војната со борбата на македонскиот народ кој што создаде повеќе свои дивизии од борци исклучиво на доброволна основа. Република рамноправна со останатите наши републики во која што е македонскиот народ рамноправен со Србите, Хрватите, Словенците и Црногорците.А каква е легитимацијата што КП на Бугарија може да ја покаже? Зар тие не можат во Пиринска Македонија нешто слично, ни сега, кога за тоа не треба да се пролева ни капка крв, туку само да му се даде можност на македонскиот народ слободно да ја изрази својата волја? Но, таму нема нишго. Не го направија ни првиот чекор, бидејќи со уставот и со законите не го признаа македонского национално малцинство а камо ли да му ја дале макар и културната Бауерова автономија, а дури каде да му дале територијална автономија, а да и не говориме за тоа дека не им паѓа на ум на „пиринското население“ да му го признаат и поштено да го спроведат ленинистичното право на самоопределување до отцепување.

„Зошто признавањето на тоа право и зошто токму обединувањето на Пиринска и Вардарска Македонија во Народна Република Македонија во составот на ФНРЈ е единствено правилно и напредно становиште? Затоа што Народна Република Македонија е најголемиот и централниот дел на македонската нација, таа е нејзиниот дел кој што со борба го извоева признањето на својата национална индивидуалност, ја извоевала својата државна организација и нејзината рамноправност со државните организации на останатите југословенски народи. Затоа што македонскиот народ во својата народна република изгради мошни силни темели на македонската национална култура, што веќе оствари огромнен напредок на економско, политичко и општествено поле, што се манифестира како организирана нација која што со успех го изградува социјализмот и која што поради тоа нужно стана центар за прибирање на целата македонска нација. Затоа што во составот на ФНРЈ македонскиот народ има најполна гаранција против српскиот шовинизам, но во исто време и гаранција од претензиите на бугарскиот шовинизам, а македонската нација сака да ја има таа гаранција и треба да ја има. Нека бугарските другари и дадат автономија на Пиринска Македонија, или нека створат таму Народна Република Македонија во составот на Бугарија, па тогаш двете македонски републики нека се договараат што ќе прават понатаму. Создавањето на НР Македонија во рамките на ФНРЈ значеше отфрлање на секоја српска претензија Македонците да се претопат во дел од српската нација. Но, обединувањето на Македониите со НР Македонија во составот на ФНРЈ и во составот евентуално на Јужнословенската федерација, во која и Бугарија би била како и Србија и како и Македонија една од седумте рамноправни републики, би значело исто така и конечно отфрлање на секоја бугарска претензија Македонците да се претопат во дел од бугарската нација. Кој нема сила за тоа одречување тој е неизлечив шовинист.!

Георги Димитров до Македонците во Пиринска Македонија:

Ако нема федерација на Бугарија со Југославија, нема ни ваше обединување со другите Македонци!

На Петтиот конгрес на Бугарската комунистичка партија, Георги Димитров посвети дел од својот реферат на ,,Федерацијата на Јужните Словени и на македонското прашање“. Заборавајќи дека Пиринска Македонија се наоѓа во состав на Бугарија како резултат од поделбата на Македонија меѓу трите балкански империјалистички монархии, изјави дека „населението од Пиринскиот крај“, како што тој ги нарекува Македонците од Пиринскиот дел на Македонија, се однесува негативно спрема барањето да се присоедини тој крај кон Југославија пред да биде остварена федерацијата помеѓу Југославија и Бугарија, оти тоа население од незапаметени времиња се чувствува економски, политички и културно сврзано со бугарскиот народ, и не сака да се одвои од него, пишува Моша Пијаде во својата брошура за Балканскта федерација и македонското прашање.

Говорејќи од името на владеачката бугарска нација, вели Пијаде, Димитров нагласи дека „македонскиот народ е убеден оти неговото национално обединување ќе биде изградено врз основа на спогодбата помеѓу Југославија и Бугарија“. Врз основа на тоа „македонскиот народ ќе го оствари своето национално единство и ќе ја осигура својата иднина како слободна и рамноправна нација само во рамките на федерацијата на Јужните Словени“, потсетувајќи ги Пиринските Македонци дека „ако нема федерација на Бугарија со Југославија, нема ни ваше обединување со другите Македонци”.

loading...