Градоначалникот на Македонски Брод наплатува по 3.500 денари за два тони техничка вода

АКЦИЈА

Жители на поречко село четири месеци немаат капка вода за пиење, ниту за секојдневните потреби. Побарале помош од општината Македонски Брод, но од таму добиле одговор дека ако сакаат вода, треба да платат 3.500 денари за два тона вода од цистерна, и тоа техничка.

Тие се револтирани од градоначалникот на Македонски Брод бидејќи откако тој станал градски татко вовел стапка да се плаќа за техничка вода и тогаш кога во некои од селата жителите со месеци немаат ниту капка. Но и да сакаат да платат, пак нема да добијат вода.

„Четири месеци во селото немаме капка вода, ни за миење ни за пиење, ни за потребите во селото. За пиење со туби полниме од извор од соседното село. Бев кај градоначалникот и го молев да ни обезбеди вода како што ни ветуваат години наназад. Од него добив одговор дека само јас сум барал вода, и дека селото не е влезено во проектот за приклучок на водоводната мрежа. Вода побарав од командирот на Противпожарната бригада на Македонски Брод. Тој ми кажа дека располагаат со две цистерни, мала и голема, и дека може да ми испрати мала цистерна со два кубици техничка вода, но дека за тоа треба да платам 3.500 денари на жиро сметка во општината, но дека во наредниот период нема да може да ни донесат. Тој додава дека и во изминатите години кога селото немало вода им носеле цистерна со вода, но ова е првпат да им бараат пари за техничка вода, за која општината со закон е обврзана да обезбеди вода. Прашав од кога тоа се плаќа за техничка вода, кога во селото со месеци нема ниту капка вода за пиење, одговорот беше откако градоначалник е Силјаноски. Не знам од кога тоа се наплатува техничка вода, а општината не ни обезбедила водоводна мрежа“, вели пензионер од Скопје кој изградил куќа и се вратил да живее во селото Василковци, одлачено 20 километри од Македонски Брод.

Градоначалникот на Македонски Брод, Живко Силјаноски вели дека одлуката за да се наплатува е донесена на Совет на општината.

„Противпожарната единица е единствена што има две цистерни и може да носи вода. Други возила немаме. Одлуката е донесена на Совет по ставка услуга од противпожарната единица. Но и да сакаат да платат, пак не можеме да им однесеме вода бидејќи е сушен период и во случај ако има пожар ќе имаме едно, а не две противпожарни возила. До лани не знам како било. Ова сега е одлука на совет. Мора да се покријат трошоците за возилото што оди до таму, тие пари се за услугата, и ние немаме средства, од каде. Сите што бараат техничка вода мора да платат. Ќе правиме напори да им донесеме водовод во селото. Сега има проект, но тоа село не е во проектот кој е завршен и деновиве ќе биде даден на тендер. Во иднина мора да правиме други проекти и да го вклопиме“, вели градоначалникот Силјаноски.

Нашите соговорници од ЈП Водовод- Македонски Брод велат дека техничката вода никогаш не ја наплатувале.

„За селата Горни и Долни Манастирец, Василковции некои други села кои се без водовод ние не сме овластени да даваме услуги за снабдување со вода бидејќи таму нема водоводен систем и нема одржување, не стопанисуваме како јавно претпријатие во тие села. Но до лани им носевме цистерни со вода, и не наплатувавме. Еднаш до два пати во месецот може да им однесат цистерна. Тие луѓе имаат потреба, имаат бавчи, или за било што да сработат. Но, најверојатно тоа е одлука на градоначалникот или директорот на Противпожарната, бидејќи имаме хидрофор и претежно кога има пожари цистерните се полнат од таму, но таа вода не сме ја наплатувале. И ако ние не стопанисуваме тоа е во интерес за граѓаните и мора да им се обезбеди вода бидејќи тоа село е на територијата на Македонски Брод, па макар и еден човек да има во селото. Општината најверојатно гледа во финансискиот дел и сакаат да си наплатат, ама времено како мерка на една две недели можат да им однесат вода, ама тоа е со разбирање и со меѓусебен договор со градоначалникот. Жителите мора да се снабдат со вода“, вели поранешен функционер во ЈП Водовод.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека општината Македонски Брод во 2011 година добила 772.833 евра европски пари за изградба на водовод. И по седум години не е направен проектот.

„Од кредитна линија на Европска инвестициска банка, на Општина Македонски брод се исплатени 772. 833 евра за изградба на водоводи и канализации. До сега, општината искористила само 17.000 евра и на располагање и остануваат уште 755.000 евра. Во завршна фаза е подготовка на тендерска документација за изработка на проект на изградба на водоснабдителен систем за селата Горно Зркле, Сушица, Инче, Манастир „Света Богородица“ и селата Горно и Долно Манастирец. Вредноста на овој проект е 675.000 евра. Откако ќе ја подготват, тендерската документација се испраќа до ЕИБ и они дозволуваат да се објави“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Селото Василковци има неколку староседелци и неколку нови куќи, но сопствениците ретко доаѓаат бидејќи нема вода.

„И да сака некој да направи куќа, или да дојде на одмор, на викенд, одма се откажува бидејќи ја нема основната потреба за живот. Како да се вратат луѓето во селото кога нема вода. Не знам кој век треба да дојде за селата да имаат вода“, вели пензионерот од Скопје.

МКД.МК

loading...