ЧАДОР И СЕНДВИЧ – Што ти е типичен Македонец

АКЦИЈА
loading...

Што ти е типичен Македонец, претставник на библиска Македонија. Цел живот си умислуваш дека си центар на светот. И во моментот кога главните светски државници ќе ти дојдат и ќе ти признаат дека си центар на светот, ти ќе им речеш: Е да, бе. Ти ќе ми кажеш кој е центар на светот.

2 В понеделник ќе дојде министерот за одбрана на САД Џејмс Матис. Третиот човек на американската влада ќе го запали авионот од Вашингтон специјално да долета до Скопје и да се врати дома за еден ден. Германската канцеларка Ангела Меркел, од средба со Макрон во Марсеј на пропатување за Берлин тркна и до Скопје. Во јуни, на пат од Софија за Лондон во Скопје слета и британската премиерка Тереза Меј. Федерика Могерини со авиончето на кое пишува Република Македонија дојде да јаде ќебапчиња во Старата чаршија во Скопје. На Вес Мичел веќе можеме лична карта и дозвола за престој да му дадеме, колку пати е дојден…

Нашава проста маса уште ги есапи за лидери тие што ѝ викаат: Овие луѓе доаѓаат да ве разнебитат.

А странциве пак, уште имаат трпение пристојно да нѐ убедуваат: „Не бре луѓе, ние сме сериозни. Претставуваме сериозни држави и институции“. Могерини вика дека утре ќе биде доцна да жалиме ако сега не ја искористиме демократијата. А претставникот на Стејт департментиот Вес Мичел ја даде најтешката задача за Македонците. Да ја исполнат својата слобода и одговорност.

Од кој народ бараш одговорност? Од луѓето што си го фрлаат ѓубрето пред врата, што си ги какаат кучињата на улица и после истите гомна дома си ги внесуваат? Од кои луѓе бараш да си ја почитуваат слободата? Од тие што се спремни да му се упикуваат на секој локален партиски моќник што ќе им вети работа во администрација? Од луѓе што за сендвич си го продаваат достоинството? Од луѓе како оној тепачот на Дамјан Манчевски во Собранието на 27 април лани? Кој влегол во Собрание да убива, ама среде револуција му го продаде чадорот за 1.000 денари на Манчевски. Чадорот со кој пред тоа му ја раскрвавил главата. Ем сендвич, ем пари за стар чадор.

Па ние не знаеме што да правиме и со оваа слобода што ја имаме од 1945 до сега. Од што се плашиме да не ни биде поарно. Оти после ќе немаме кого да обвинуваме за сопствените неуспеси.

И ти на тие луѓе ќе им зборуваш за историска одговорност? Не бре, тие не сакаат да прават историја. Тие сакаат ајвар да си прават. Да си седат дома скриени. Оти им викаат дека ќе ги сликале ако излезеле на референдум. Штом за сендвичи се продавале 11 години додека ги влечеле за уши на гласање, нормално е сега да се плашат и дека ќе ги сликале. Е па, дотерајте се да излезете поубави на сликите.

3 Што туку дебатирате дали Мицкоски имал став, или немал став. Уште ќе нѐ замајува по телевизии со глупости. Не бре. Мицкоски има јасен став. И тој став е изграден уште на 11 декември 2016. Груевски и бандитската дружина од ВМРО-ДПМНЕ треба да се спасат од затвор.

Будали луѓе сме. Чекаме што ќе решело највисокото партиско тело во царскиот дворец на Груевски. Мицкоски ќе го кажел ставот. А внатре седат и луѓе што секоја недела мора да се пријавуваат во суд дека не се избегани. И чекаат пресуди за тешки криминали. Каков став може да има таа партија? И каков став очекуваат нивните гласачи, освен дека треба со бојкот да одработат криминалното раководство да не оди во затвор. Со надеж дека ако има нова криза во државата и ако светот дигне раце од нас, ќе се вратат на власт. А ние, медиумите од што ги правиме многу важни, уште и им ја подгреваме надежта. Нивниот страв дека тие ќе одат в затвор станува поважна тема од тоа дали конечно сите ќе одиме напред, или ќе се вратиме назад.

Сѐ што ве мантуфи Мицкоски е само купување време за преживување на слобода на Груевски и неговата бандитска дружина. Одолговлекување со правдата. Исто како со адвокатските финти, барањата за изземање на судии, обвинители, па судија ќе се разболи, па обвинет ќе се разболи, па адвокатот ќе биде зафатен, и приказните на Мицкоски дека бил за НАТО и ЕУ, ама договорот бил капитулантски и својот став ќе го кажел на 30 септември.

Впрочем, ВМРО-ДПМНЕ купува време уште откако излегоа првите бомби во февруари 2015. Со надеж дека некоја ујдурма ќе ги спаси од затвор. Прво го тегнеа како мастика донесувањето на законот за СЈО. Па на Катица Јанева институциите не ѝ даваа документи со месеци. Па Ѓорге Иванов ги аболицираше. Па после цел свет му се заканувашe да ги поништи аболициите. Па тој и ВРМО-ДПМНЕ не го даваа мандатот после изборите. Трајко Вељаноски на сила седеше на претседателското место во Собранието четири месеци. Па потоа Иванов измисли писмени гаранции од Заев и чекаше, чекаше… Па пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не го даваа Зврлевски со недели. А бе тие и војна ќе направеа на 27 април 2017 за да се спасат.

Од тие луѓе чекате став за референдумот? Од луѓе кои сопствените поддржувачи ги плашат дека ќе ги сликаат на гласачките места на 30 септември? И, што ќе прават со сликичките? Ќе му ги дадат на Груевски да си прави албуми за да не му е досадно во Идризово?

4 А ги лажат и дека ако успеел референдумот Македонците ќе ги снемало. Зошто? Затоа што пред името Македонија ќе сме ставеле придавка, географска одредница само за да можеме да тргнеме напред. Со признат македонски јазик и македонска националност. А тие ги лажат дека ќе сме биле Северномакедонци. Ги лажат и дека јазикот е северномакедонски. И овие им веруваат.

Целата статија на СДК.МК

loading...