УЈП: Ако вие не дојдете на шалтер, ние ќе дојдеме кај вас

АКЦИЈА
loading...

Управата за јавни приходи (УЈП) ќе ги искористи сите можности на комуникација со граѓаните за да го заврши успешно електронското регистрирање за персонален данок, изјави денеска директорката на даночната управа Соња Лукаревска на прес-конференција, која беше закажана по реакциите на граѓаните дека ова ќе биде тешко за пензионерите, инвалидите и другите изнемоштени стари лица.

– Нашата цел е да стапиме во непосреден конткат со сите лица и никој да не биде изземен. Со директниот контакт се потврдуваат податоците од граѓаните и тие да бидат добро заштитени. Конечна цел е да спроведеме успешна реформа која ја користат другите даночни администрации во поразвиени земји – рече Лукаревска.

Таа појасни дека мобилните шалтери на Управата за јавни приходи ќе бидат ангажирани да им помогнат на граѓаните кои не можат да се регистрираат и нема да можат да дојдат до најблиската канцеларија на УЈП.

– Пензионерите не треба да стравуваат. Мобилни шалтери на УЈП ќе одат и до најоддалечените места и ќе ги посетуваат граѓаните – рече Лукаревска.

Од Управата за јавни приходи појаснија дека пензионерите и другите лица кои не знаат да користат интернет не мора да ангажираат нотар, ако со лицето кое сакаат да го ополномоштат да ги изврши интернет обврските кон Управата дојдат на шалтер во канцелариите на УЈП и тоа взаемно го потврдат. Во спротивно ќе им треба нотарски заверено полномоштво.

Лукаревска тврди дека процесот е доброволен и иако има казни за неизвршување на обврската, сепак на почетокот нема да се посегне по нив.

– Да, има казни во Законот, но да зборуваме за убави работи, не за казни – рече таа на инсистирањето на новинарите да каже што ги чека граѓаните ако електронски не се регистрираат за персонален данок.

И покрај силните реакции поради нејаснотиите околу процесот на регистрација, Лукаревска тврди дека новиот модел го олеснува процесот на пополнување на пријавите.

– Новиот модел на пријавување данок тоа го овозможува. Граѓанинот е ослободен од пополнување на Годишна даночна пријава, зашто тоа ќе го прави Управата за јавни приходи. Ако досега УЈП ги контролираше годишните даночни пријави, отсега граѓаните ќе ја контролираат УЈП. Граѓаните ќе бидат тие кои ќе ја потврдат или поправат пријавата која ќе им ја испрати УЈП – појасни Лукаревска.

Од УЈП најавуваат засилени активности за објаснување на постапката до крајот на годината кога е последниот рок за електронска регистрација за е-персонален данок.

Плусинфо.мк

loading...