Злато од човек! Стоматолог од Скопје бесплатно им поправа заби на луѓе од социјално ранливи категории

АКЦИЈА
loading...

Не сме сите создадени да правиме големи работи, но затоа можеме да правиме мали работи со многу љубов, тоа е девизата која јас ја следам во оваа хумана мисија и мислам дека ќе поттикнам и други да го направат истото, вели стоматологот Жикица Ѓорѓиевски кој бесплатно ги лекува забите на лица од социјално ранливи категории. Верувам, додава тој, дека секој во своите можности може да понуди надеж и искреност за овие социјално ранливи луѓе, кои заслужуваат подадена рака.

Тој со оваа хумана мисија почнал пред две години, после една случајна средба.

– Некои работи не се планираат, едноставно се случуваат, тие се предодредени… Така почна и оваа иницијативата за давање на бесплатни стоматолошки прегледи, лекување, како и протетски изработки на лица од социјално ранливи категории што почна пред две години по една случајна средба со татко и син од социјално загрозено семејство кои живеат во близина на ординацијата. Во разговор со таткото, покрај другото, понудив да му направам бесплатен преглед и понатамошни постапки на лекување и третман на забите на синот кој беше матурант. Не ми одговорија веднаш, туку се појавија заедно после една недела. Имаше неколку ортодонски интервенции, малку протетика и понатамошен третман. Тие беа презадоволни, насмевката која ја имаше матурантот беше најголемото благодарам за мене. Оттогаш до денес, се гледаме повремено, разговараме како пријатели и јас сум среќен што направив едно мало дело за мене, но за нив големо – раскажува д-р Ѓорѓиевски.

Оваа една насмевка го мотивирала да продолжи понатаму и да ја врати здравата насмевка кај лицата кои не се во можност тоа да го направат.

– Разговарав и со лицата кои живеат во населбата Ѓорче Петров, поранешни штитеници на Домот за деца без родители “11 Октомври“, лица кои се наоѓаат на животен крстопат и секоја подадена рака е значајна. Малку бев во дилема како ќе ме разберат, дали ќе ја сфатат суштината на понудената искрена помош и пријателство. Така, неодамна кај мене дојде Ивица Јаневски кај кого направивме протетски изработки. Иако ова се процедури со поголеми финансиски трошоци, сепак за мене е неизмерна среќата и задоволството кое го предизвикувам кај овие мои пријатели. Со нив се гледаме повремено, пиеме кафе, разговаравме, тие се мои пријатели кои имаат поинакво животно искуство, да не кажам сурово, и затоа мислам дека е човечно да им се понуди искреност, пријателство, топлина – вели д-р Ѓорѓиевски.

Текстот дочитајте го на СЛободен Печат

loading...