Петар Богојески, колумна: Бојкотирам

АКЦИЈА
loading...

Објавено на Вечер

Човечки е прво да гледаш за себе, па за другите. Викаат дека и „Бог прво на себе си ставил брада”… но не е државнички. Мора да признаеме дека градењето и опстојувањето на државите директно и највеќе зависи од државничкиот капацитет на народите кои се основачи на истите. Со тоа, за жал, не можеме многу да се пофалиме. Еве тука се блиску до нас Турците, само еден површен поглед врз нивниот државнички капацитет, запрепастува. Не остава без зборови за нашето поведение. Сите наши четири соседни народи, поглед и школо… затоа што никој од нив не ја бојкотира својата држава. За време референдумот за независност, „македонските југословени” повикуваа на бојкот. За време референдумот за територијалната организација на Република Македонија, нивните чеда, препакетирани во социјалдемократи, повикуваа на бојкот. Денес, во очи на референдумот за решавање на спорот кој Грција го има со нашето име, истите чеда препакетирани во „патриоти” го заведуваат македонскиот народ и повикуваат на бојкот. Зошто? Бидејќи државотворниот капацитет на тие „чеда” на таа Југославија е премногу слаб. Тоа се комформисти и кариеристи. Затоа и им се распадна таа Југославија.

Почитувани пријатели, роднини, сограѓани, сопартијци… морам да Ве известам дека бојкотот е лична агенда. Најмалку патриотска. Бојкотот е агенда, која зад себе крие надеж за личен комформизам и кариеризам. Бојкотот воопшто не и помага на македонската државност. Ти кој бојкотираш, ти сам себеси се бојкотираш, ја бојкотираш својата татковина, ја бојкотираш иднината на своите деца. Јас не бојкотирам, јас сакам да одлучам за мојата, нашата Македонија. Затоа што имам право на тоа, како граѓанин на македонската Република. И јас имам своја лична агенда. И јас сакам кариера и комфорен живот. Но за сето тоа да го имам, мора да ја имам Македонија. Ако ја нема македонската држава, не нема нас, нема ништо од таа лична агенда. Мораме еднаш како нација, да се издигнеме над нашите лични агенди и разбереме дека без држава, сме без шанса било што да постигнеме.

Бојкотот е историска грешка за целото македонско општество. Самите себе си се лишуваме од правото самите за себе си да одлучуваме. Напишавме томови и томови историска литература за нашето право и желба за самоопределување и кога дојде момент сами да одлучуваме, еве веќе на три референдуми, ние сами се бојкотираме. Тоа е така, поради она што како наследство го имаме од Титовото време, а тоа веќе го опишав, купи лојалност со конформизам и кариеризам. Но не е се до „чедата” на таа Југославија. И до нас е „чедата” на Организацијата. Се колнеме во неа. Викаме дека живот ќе дадеме за неа. За нејзините идеали, за нејзиното славно минато. Нашите славни предци и борци за македонска државност, никогаш не бојкотирале. Се впуштале во виорот на македонската револуција, во виорот на балканските и светските војни, но никогаш не кукавичеле и не бојкотирале. Секогаш патот им бил осветлен од пламенот на Идејата – независна македонска држава. Без разлика дали и како национално се изразувале, секој припадник на Организацијата во себе го носел тој пламен. Со таа саможртва, со таа чесна и честита битка, Организацијата ги освоила срцата на македонското население. Да, на македонското население, зашто и многу Албанци, па и Турци имале огромен респект кон нејзиното Дело. Слобода и човечки правдини во македонската држава, за секого подеднакво. Огромна енергија, огромна моќ, огромен мобилизирачки фактор околу идејата за создавањето на македонската држава. Лојалност до смрт.

Се така до еден момент кога лидерството на Организацијата покажало колебливост. Момент на шок и неверување. Причина за огромно разочарување. Лидерството на Организацијата одлучило да „бојкотира”. Да остане надвор од решенијата. Да остане надвор од случувањата. Да остане надвор од историските текови. Во очи на последната голема војна.

Точно, има милион околности поради таквото колебање.

Никого не обвинувам. Но историјата е немилосрдна. Победникот ја констатира „вистината”. Ако останеш надвор од решението и тргнеш по погрешниот пат на историјата, друг ќе ја напише вистината за тебе. Така и се случи после големата војна. Вистината за „бојкотот” на Организацијата ја пишуваа Титовите комунисти. Тука никој не ни е крив, туку самите ние. И утре никој нема да ни биде крив, туку самите ние.

Имено, во периодот пред Втората светска војна, скоро и да немало комунисти на територијата на Македонија. Имало некое влијание од Бугарската комунистичка партија, но тоа било толку слабо, што не е вредно да се споменува за овој момент. Доаѓа големата војна. Македонското население ја чека одлуката на Организацијата. И ја чека… и ја чека… и ја чека… колебливост и неверување. Во срцата има пламен за македонска државност. Сите гледаат шанса во поделениот свет и влијанието на големите сили. Не е важно дали некој се надевал на политичка поддршка од еден или од друг блок. Во нивно време со нивни очи, тоа било легитимно. Организацијата одлучила да „бојкотира”… не истакнала јасен став, не повикала на конституирање на Независна Демократска Македонија. Таа колебливост го отворила патот за комунистичкиот пробив.

Гледајќи ја празнината која е оставена поради неактивната улога на Организацијата, комунистите ја искористиле шансата. Повикале на конституирање на македонска држава. На тој начин започнале да мобилизираат дури припадници на Организацијата. Идејата е една и таа мобилизира. Ако пред војната биле 30 активисти, веќе во тек на војната постанале повеќе од 500… и така „бојкотот” бил искористен од страна на оние кои имале скриена агенда за Македонија. Исто како денес, „бојкотот” ќе го искористат оние кои имаат скриена агенда за Македонија. Организацијата наместо да го мобилизира населението во борбата за своја држава, пасивноста и нерешителноста доведе до губење на поддршката и популарноста кај македонското население. После тоа, на крај на војната веќе беше касно да се основа независна македонска држава. Веќе историјата фати друг тек, а ние бевме надвор од решението. На крајот, дел од македонската интелигенција, била принудена да прифати „југословенско решение”, не како алтернатива, туку како единствена можност, бидејќи Организацијата ја пропуштила историската шанса да понуди подобро решение.

Стоејќи на погрешна страна на историјата, покасно знаете што се случи со припадниците на Организацијата. Во нашата Македонија беше кривично дело да си припадник на македонската организација која децении наназад се бореше токму за македонска држава. Секако Идејата на Организацијата продолжи да живее до ден денешен. Комунистите ги излажаа Македонците, но Организацијата ја испушти шансата да ја заштити Македонија од новото големо поствоено разочарување.

Дали денес сме пред исти искушенија? Дали денес сме повторно на испит. Дали е ова поправен испит за Организацијата? Дали е ова повторена шанса за нас, припадниците на Организацијата да го подобриме нашето поведение? Дали ова е историска правда, поради влогот на нашите предци, повторно ни се дава прилика да бидеме дел од решението, како фер шанса? Дали „Америка и Енглеска” ни дава фер шанса на нас, антикомунистичките борци во овој дел од Европа? Дали ако останеме надвор, повторно ќе оставиме Македонија да биде заложник на скриени агенди и повторно манипулирана?

Токму овие прашања не ми даваат мир во овој историски миг, да бидам тивок и да стојам надвор од решението. Овие прашања ме тераат не два пати, ами пет пати да размислам. Што е најдобро за Македонија во овој момент? Како да го исполниме во целост нашиот вековен сон за независна македонска држава? Како да го избелиме образот на Делото на Организацијата, а Идејата да ја преточиме во комплетно Дело? Идејата не може да се компромитира, таа е чиста како детска солза. Но Делото може.

Видовме и се надевам нешто научивме. Сега за секој од нас, кој себеси се нарекува припадник на Организацијата, мора да најде сила во себе и да работи за Делото да се прочисти како детска солза. Така ќе победиме ние. Така ќе победи Организацијата. Така ќе победи Македонија.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ)

loading...