РИСТЕСКИ: СО ЦЕЦА ЛИ ГО БРАНИТЕ ИДЕНТИТЕТОТ?

АКЦИЈА
loading...

Ако ми дозволите да бидам ироничен, би сакал да истакнам дека нема подобар тајминг за доаѓањето на српската турбофолк ѕвезда Цеца на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“ утревечер во Кавадарци.

Би сакал да ги поздравам организаторите на овој културно-забавен настан за прекрасниот избор, ден по државниот празник 8 Септември – Ден на независноста на Република Македонија, во главниот град на Тиквешијата, познат освен по убавото вино и по Тиквешкото востание од 1913 година, да ја поканат вдовицата на воениот профитер и криминалец Аркан, за да ја забавува публиката.

Освен поздравите до организаторите, би сакал да му препорачам на господинот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, како еден вистински потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, да застане во првите „борбени редови“ на фановите на српската турбофолкерка. Така господинот „кмет“, ќе испрати прекрасна порака за дисконтинуитетот на историската ВМРО со денешната политичка партија, којашто без никакво идеолошко право ги узурпира овие четири букви.

Јанчев треба да застане во прв ред за да видиме како изгледа оддавањето почит на жртвите во Тиквешкото востание, со паѓање во делириум под звукот на српскиот шунд. Секако после концертот Јанчев може да ја покани балканската „царица“ и во самиот штаб на партијата, што ја претставува. Јас би направил и порадикален чекор- би ја прогласил Цеца за почесен граѓанин на Кавадарци. Оти кажано е: „Кога е бал, нека е карневал“.

Јас сум убеден дека г-нот Јанчев ќе послуша барем еден од моите совети, а сосема за крај би сакал да го запознаам со некои бројки поврзани со славната и на моменти трагична историја на тиквешкиот крај.

Тиквешкото востание избувнува на 15 јуни 1913 година и е првиот вооружен и организиран отпор против српската власт во Вардарска Македонија. Организатор на востанието е ВМРО. Борбите меѓу комитите и српските џандари (помогнати од турски башибозук ) траат 12 дена. Во Кавадарци својот живот го губат 363 луѓе, во Неготино 230, а во Ваташа 40 луѓе. Околу 2700 луѓе се затворени и мачени во српските затвори. Убаво е да се знае, убаво е да се помни!!!

Градоначалниче, убав помин утре на мегаконцертот!!! Сакам да ве потсетам дека непознавањето на историјата не е оправдување за правење на глупости од културолошка природа.

Реакција на Крсте Ристески, член на Управувачкиот комитет на Граѓанско демократска унија-ГДУ

Извор

loading...