Затворска казна или повторно судење на Груевски?

АКЦИЈА
loading...

Никола Груевски не присуствуваше на денешната јавна седница за предметот „Тенк“ во скопска Апелација. Сите барања на адвокатите од одбраната се одбиени. Временски рок за носење на одлуката нема. Од Специјалното јавно обвинителство сметаат дека тоа ќе биде брзо поради ризикот од застарување на делото

СКОПЈЕ – Петмина судии од скопска Апелација треба да одлучат дали ќе ги прифатат или отфрлат жалбите на адвокатите на обвинетите Никола Груевски и Ѓоко Поповски за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) околу набавката на луксузниот „мерцедс“ од 600 илјади евра.

Тие имаат три опции – да ја потврдат пресудата на Кривичниот суд со која Груевски е осуден на две години затвор а првообвинетиот Поповски на шест и пол години, да ја преиначат или пак да ја укинат и да го вратат предметот на повторно судење во Кривичниот суд.

Доколку пресудата биде потврдена, а Обвинителството не вложи жалба, станува правосилна и обвинетите немаат можност да ја обжалат до Врховниот суд и треба да се упатат на идзржување на досудената казна. Сепак на располагање имаат т.н. „ вонредни правни лекови“, односно Груевски и Поповски можат да побараат одлагање на издржување на казната поради неколку причини како што е болничко лекување или сериозно нарушено здравје.

Судиите од скопска Апелација, по свое убедување, можат и да ја преиначат пресудата односно да ја намалат или зголемат казната по разгледувањето на доказите и постапката. И во овој случај казната е правосилна.

Иако поранешниот премиер и лидер на најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ, има пратенички мандат и во моментов ужива пратенички имунитет, сепак нема да може да се повика на него. Членот 64од Уставот го регулира токму ова прашање и во него јасно е наведено дека имунитетот може да се искористи само доколку станува збор за притвор.

„Пратениците уживаат имунитет. Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието. Пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник“, стои во членот 64 од Уставот.

Тоа значи дека доколку пресудата стане правосилна за пратеникот Никола Груевски важат истите закони и законски рокови како и за граѓаните.

Третата опција која ја имаат на располагање судиите во Апелација е да ја укинат пресудата на скопскиот Кривичен суд и да го вратат предметот на повторно судење. Оваа можност е најмалку извесна бидејќи делото застарува наредниот месец и доколку тоа навистина се случи судењето би било прекинато а Груевски и Поповски би биле слободни граѓани. Оваа можност ја адресираше и обвинителот Гаврил Бубевски од СЈО, кој истакна дека во текот на постапката е потврдено дека е сторено кривично дело па затоа не верува дека таква одлука би можело да биде донесена.

Никола Груевски денеска не присуствуваше на јавната седница во Апелација. Неговите адвокати се обидоа да ја одложат поради ангажмани на други процеси во Кривичниот суд, но неуспешно. Нивните жалби во однос на пресудата ги читаше судија известител. Своето отсуство Груевски го најави на вчерашната прес конференција која ја одржа во Собранието а не во седиштето на својата партија и на која не дозволи новинарски прашања. Тој истакна дека одлуката односно пресудата веќе е „политички донесена“, ја обвини власта за хајка против него и за притисок врз судиите. Од Апелација веднаш ги демантираа неговите тврдења оценувајќи ги како невистина и манипулација со јавнста.

Во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600 илајди евра, Никола Груевски беше обвинет за примање награда за противзаконско влијание, додека Поповски за злоупотреба на службената положба и овластувања. Во овој случај, на обвинителната клупа беше и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, на која поради ризична бременост и беше раздвоена постапката и сега и се суди одвоено.

Во текот на јавната седница пред Апелација се собраа триесетина граѓани кои протестираа а меѓу нив беа и поранешните градоначалници Коце Трајановски и Ивица Коневски.

loading...