Бачев: Владата сака присилно да ја исели Единствена Македонија поради руското и македонското знаме со 16 краци

АКЦИЈА

Кристијан Ландов, Макфакс

По неколку предупредувања од страна на Владата за отстранување на руското и на македонското знаме со 16 краци, владиното претпријатие за станбен и деловен простор кое стопанисува со зградата најави дека ќе ја исели партијата Единствена Македонија, вели претседателот на партијата, Јанко Бачев. Тој додаде дека ова е притисок врз нивната партија и прашува дали кога тие ќе дојдат на власт треба да го запалат седиштето на СДСМ што се наоѓа на Бихачка.

„Во централниот регистар партијата е регистрирана на Даме Груев бр 10. Незаконски нè отстрануваат бидејќи тие пратиле известување за наше иселување од зграда број 1. Зградата 22 години е во сопственост на Центро, па дури сега во 2018 година со неа стопанисува владиното претпријатие за станбен и деловен простор, со што се дава простор дека станува збор за фaлсификувани документи“, вели Бачев.

Тој обвини дека Владата врши притисок пред референдумот и кампањата што ќе ја започне неговата партија. Бачев најави дека нема да дозволат нивно иселување од седиштето и ќе го бранат по секоја цена.

Според известувањето, владиното претпријатие со асистенција на полицијата требаше да ја исели партијата од седиштето и да ги симне знамињата во 10 часот утрово, но тоа не се случи.

loading...