Зошто веќе никогаш нема да живеам во Македонија?

АКЦИЈА
loading...

Не знам по кој пат темава е ставена на тапет, но сакав да се објаснам на долго и на широко, да нема забуни, да нема после вака беше, така беше, ете нешто ме тера да си го отворам срцето.

Сакав да почнам од тоа дека сум патувал доста, не знам дали тоа ми е во крвта или не, но јас бев човек кој не го држеше место. Често се селев и често сакав да менувам, така ми налагаше внатрешниот глас, одговор не можев да најдам, не бегав од ништо, но барав нешто ново, бидејќи старото често ми досадуваше.

За да не бидам разбран погрешно ќе зборувам од сопствени искуства. Америка има 50 држави, сите многу слични, а сепак различни една на друга, додека престојував таму во Калифорнија сретнав луѓе родени во Масечусетс, во Чикаго луѓе родени во Тексас и уште многу други кои својот дом го нашле далеку од родниот град, далеку од родната држава. Секој од различни причини ја напуштил родната држава, но тоа таму не беше сфатено како трагедија.

Кога ќе направам споредба со тука, ние сме едни, би било супер доколку постоеја барем 20 Македонии, па да можевме да се селиме од една во друга, а пак да зборуваме исти јазик, да има исти закони и да имаме слична култура.

За да не мислите дека тропам глупости, она што сакам да кажам дека преселувањето од родната земја не секогаш значи лош живот во истата. Мојата желба да живеам во странство не е поттикната од мојот одвратен живот тука, всушност јас тука имам еден живот кој конвергира кон среќата.

Па зошто да се отселам од местото каде скоро сум ја пронашол среќата?

Моите апетити не запираат во овие мали граници, како некој кој сака да се бави со наука, мојот мозок размислува за големи индустрии, јаки универзитети, компании на кои јас ќе можам да го надградам моето знаење и да напредувам секојдневно. Мразам рутини со кои само ќе тапкам во место, без да доживеам било каков напредок на професионален план.

Желбата за авантура и нови познанства не сакам да ја ограничам само на овие два милиони народ. Моите очи сакаат да видат, да откријат, да запознаат, да го прошетаат светот, за кога за последен пат ќе ми ги затворат да ми поминат сите тие слики, од сите тие различни места на кои сум живеел и различните луѓе кои сум ги сретнал во соседството.

Да не се разбереме погрешно, јас секогаш ќе го помнам вкусот на ѓомлезето на зелената ливада во Лескоец, тавче гравчето во етно гостилницата во Паланка, лудориите на врвот на Водно и скијачките денови во Ниже Поле. Никаде никогаш нема да го има истиот мирис како крај Охридското Езеро и никој нема да прави повкусни јадења од мајка ми, никој нема да ме има толку близок како моите пријатели.

Но, секој од нас има различни идеи за животот, сите ние пробуваме да го најдеме местото под ова небо, да не постоеше политика, можеби ќе немаше и граници, па секој слободно ќе можеше често да го пронајде својот дом на место на кое што се пронаоѓа себеси, кое за жал или среќа не мора да биде родното место.

Само сакав да ви кажам дека нема потреба да тагувате за моето заминување, тоа е моја одлука, без разлика колкава корка сум имал во грлото кога сум заминувал, тоа било затоа што сум верувал дека таму конечно ќе се најдам себеси. Доколку не успеам, ќе пробам пак и пак и пак, па можеби на крајот повторно ќе завршам дома.

Она што сакам да го имате на ум е дека не секој заминува поради лоши услови, поради етикети и слични гадурии на негово име. Не секој е лаком по материјални богатства.

Има луѓе кои едноставно ги гуши ограниченост, има луѓе кои сакаат да менуваат, луѓе кои мразат малограѓанштина, луѓе кои имаат широк ум и сакаат нови работи. Луѓе кои имаат високи цели и сакаат да работат на проекти кои светот ќе ги слушне. Луѓе кои се слични на тие од Масечусетс или Тексас. Трагачи по својот дом.

Не тагувајте, порано или подоцна, ние таквите ќе ја најдеме својата среќа, нема потреба да го сожалувате оној кој не е за жалење.

loading...