Заради тежината на казната, ве молам да добијам термин за да имам одбрана

АКЦИЈА
loading...

Според Судечкиот совет, со кој претседава судијката Цветанка Периќ, барањето на одбраната не претставува основ за одлагање на јавната седница.

Судот пред почнување на јавната седница доби писмено известување од бранителите на Груевски со барање за одлагање, бидејќи се ангажирани на предметот за 27 април.

„Судот донесе решение дека не се прифаќа барањето за одлагање поднесено од четворицата адвокати на Груевски. Судот закажа јавна седница врз основа на предлози за одржување на истата и странките беа известени на време. Околностите со поклопување на другото судење не се основ овој суд да ја одложи јавната седница.

Одлагањето на јавна седница заради недоаѓањето на странките кои се уредно известени е невозможно, бидејќи обвинетиот има четири бранители, а одбраната е обезбедена во постапка кога има само еден бранител. Со тоа е исполнета законската постапка“, изјави судијката Периќ.

На ова реагираше Стерјо Зиков, адвокатот на Ѓоко Поповски, и кажа дека бил замолен од колегите бранители на Груевски, да го образложи нивното отсуство.

„На судот му е јасно дека колегите се на случајот за 27 април, каде што има притворски предмети, а има и притисоци врз одбрана, а тоа се високи парични казни. Поканата за судењето за 27 април беше порано доставена до бранителите, а јавната седница ако биде одржана ќе му бидат загрозени правата на Никола Груевски бидејќи нема да му бидат образложени жалбите. Размислете за одлуката и да усогласиме термин за јавна седница без тензија и да работиме“, рече адвокатот Зиков.

На ова судијката одговори дека наводите биле разгледани од советот на судот, се размислувало за сѐ, но оцениле дека во конкретниот случај нема причина за одлагање. „Ќе почнеме од образложување на целиот предмет, а одбраната која во моментов не е тука, може подоцна да се приклучи“, изјави Периќ.

Додека таа зборуваше Груевски ѝ упадна во збор, па доби опомена од судијката Периќ да не ја прекинува, бидејќи таа уште зборува.

„Заради тежината на казната ве молам да добијам термин за да имам одбрана. Поради висината на казната ангажирав и тим од четворица адвокати, но нужноста да присуствуваат на друго рочиште поради високите казни што е јавно понижување, се таму“, реагираше обвинетиот Груевски.

Судијката повторно потврди дека ќе се одржи јавната седница, по што следуваше реакција од адвокатот Стерјо Зиков кој кажа дека тој и колегите поднесуваат барање за изземање на овој совет.

По ова јавната седница повторно беше прекината за половина час.

На јавната седница во Апелацискиот суд, освен Груевски, од затворот во Шутка донесен е и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски кој е осуден на шест години и шест месеци затвор.

За случајот „Тенк“, поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото е осуден на две години затвор.

loading...