Првпат во историјата, Советот на Центар укина урбанистички план по реакција на станари и граѓани

АКЦИЈА
loading...

Првпат во историјата, општина центар укина урбанистички план по реакција на станари и граѓани

Советот вчера со 15 гласа за и 1 воздржан гласаше за неприфаќање на измените и дополнувањата на блок 24 во Деталниот урбанистички план градска четврт Ј 07, локалитети Капиштец, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара, општина Центар-Скопје.

По многубројните реакции на станарите од населбата Капиштец, советниците на општина Центар, како ретко која општина во државата, го слушна гласот на граѓаните и ја спречи изградбата на седум нови згради во нивното соседство.

Советниците на општина Центар, доследни на законските прописи во однос на зеленилото, безбедноста на учениците, сообраќајните норми, бројот на паркинг-места и други урбанистички стандарди, решија да не го прифатат ДУП-от.

Жителите во овој дел на Капиштец многупати реагираа и на објектите изградени околу градинката на улицата Козара, со кои се наруши нормалниот протек на сообраќај, безбедност, но и условите за пристап до овој важен објект наменет за ран детски развоj.

Ова е прв случај план што ги минал сите други институции да биде вратен и неусвоен од страна на совет, велат одговорните од општина Центар.

Од општината велат дека не се готови анализите на сите планови и не се испочитувани нивните барања, па мораториумот е продолжен до 15 декември.

Вчера советниците едногласно ја прифатија одлуката за прифаќање на измените на блок 9 во Деталниот урбанистички план Градска четврт Ј 07, локалитети Капиштец, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара, општина Центар-Скопје. За блок 9 немаше спорни моменти бидејќи се работи за населба со куќи за индивидуално домување, каде што процентот на изграденост, густина на жители, висини и зеленило е согласно со постојните закони, заклучи Советот на општина Центар.

„Плановите треба да предвидуваат развој, но не и развој со кој директно негативно се влијае на соседството и на јавното добро. На оваа девиза ќе останеме доследни за сите наредни урбанистички планови“, порачуваат од општина Центар.

loading...