Како реагираат грчките медиуми за изјавата на Димитров дека сме Македонци и зборуваме македонски јазик?

АКЦИЈА
loading...

Изјавите на министерот за надворешни работи, Никола Димитров за „македонскиот народ и јазик“, дадени вчера на расправа во Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент, поттикнаа реакции во грчката јавност.

Изјавата на Димитров ја пренесе агенцијата АНА, а потоа текстот го објавија речиси сите електронски медиуми во Грција.

„Димитров: Ние сме Македонци и ќе говориме македонски јазик“; „Димитров оптимист за резултатот од референдумот во Скопје“; „Димитров: Референдумот ќе ја одреди иднината на Македонија“, се насловите на грчките медиуми.

Со коментар на Твитер се огласи и Европратеникот од СИРИЗА и потпретседател на Европскиот парламент, Димитрис Пападимулис со оценка дека „сите политички групи на ЕП топло го поддржуваат Договорот од Преспа за македонското прашање“, а Нова демократија е „целосно изолирана, дури и во рамките на ЕПП“, бидејќи како што напиша, „исто како и ВМРО се противат на договорот со заемно негирачки аргументи“.

Нова Демократија, реагира дека Договорот од Преспа е штетен за грчките национални интереси.

„Комбинацијата од името „Северна Македонија“, „македонски“ јазик и „македонска“ националност е идеална за развој на национализмот и иредентизмот на Скопје“- вели во пишана изјава Јоргос Кумуцакос, одговорниот за надворешна политика во најголемата грчка опозициска партија, која веднаш по потпишувањето на Договорот соопшти дека за нив е неприфатливо постоењето на „македонски“ идентитет.

Реагираше и министерот за одбрана, Панос Каменос, лидер на коалициониот партнер Независни Грци. Тој во неговото обраќање на неформалниот Самит на министрите за одбрана на ЕУ во Виена, оценил дека изјавите на Димитров се „провокативни“и „спречуваат било каков напор за изнаоѓање решение“.

„Споменувањето „македонска нација“ е спротивно на секој договор. Единствено што постигнуваат е да го налутат грчкиот народ, кој ќе го има последниот збор, без оглед на референдумот и уставните измени во Скопје“ – соопштуваат од Министерството за одбрана на Грција.

Дебата се отвори со прашањето на европратеникот од Нова Демократија, Манолис Кефалојанис, до Димитров за тоа „како ќе се нарекува народот на ПЈРМ по Договорот од Преспа“.

loading...