Европско моронизирање на македонскиот народ

АКЦИЈА
loading...

Пишува Стевчо Јакимовски за Инфомакс

Моронизирањето на Македонскиот народ од страна на Евро-американските душегрижници, се одвива на ист начин како што Ратко Младиќ даваше команда да се гранатираат муслиманите во Сараево.

Цитирам:

„Говори генерал Младиќ! Понављам! Говори генерал Младиќ! Тамо доле лево су муслимани, гаџајте их у интервалима, али у континуитету. Не дајте им ока да склопе! Понављам! Гаџајте их у интервалима, али у континуитету!“

Е, почитувани пријатели потполно иста цел на овие душегрижници сме сега ние Македонците. Наредбата е да не гаѓаат во интервали, но во континуитет, да не ни дадат око да склопиме. Засега, не со гранати туку со зборови, со пропаганда, со анкети, со нарачани прашања, со секојдневни гости од божју си матер итн, за да ни всадат во главата дека ние Македонците наеднаш сме станале толку битни и толку важни, дека сега сите се со нас, многу не сакаат. Ги боли ланскиот снег за нашите перспективи и што се не. Само да има морони да гледаат и да слушаат.

Денес, една од ударните вести е наместената анкета од ИРИ во која што дури 57% од граѓаните се за промена на името. Ха ха ха! Што би рекол Шешељ „ако не умрам од болест, ќе умрам од смех“. Па, господа од ИРИ ако имате 57% поддршка зошто носите странски агенции за пропаганда, зошто го оценувате процесот за многу сложен, зошто го молите лидерот на опозицијата да не бојкотира?

Не сме мутави. Сакаат да создадат атмосфера дека мнозинството на граѓани се за промена на името. Натаму, покажуваат и голем рејтинг на Зоран Заев. Нормално дека го навлекуваат да го турка процесот како сивоња. На Мицкоски му даваат небитни 2%. Ах, што не сум на местото на Мицкоски, па да им кажам дека моето мислење воопшто не ви е битно, па затоа еве ви еден бојкот, да ги видите двата посто колку се небитни.

Притоа, нормално е СДСМ да го креваат дека имал 3% повеќе рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ. Ако има 3% повеќе рејтинг, зошто тогаш се плашат од референдум. Ќе им помине како по лој. Џабе ги напумпуваат анкетите. Па дури ги пумпаат рејтинзите на телевизиите кои даваат поддршка на референдумот и договорот со Грција. Но, во целата анкета, сепак си прават мала ограда кажувајќи дека 42% од испитаниците не се изјаснуваат. Кога ќе им се истумба работата наопаку, јасно е дека овие неопределени 42% тргнале на непосакувана страна.

Втор моронски атак, или вербално бомбардирање во интервали е она наместено прашање во комитетот за надворешна политика во ЕС, при кое што го прашуваат Димитров „дали сме сега ние Северномакедонци или Македонци?“ – тој одговара дека сме Македонци. Има уште едно прашање, односно одговара на прашање кое не му го поставија – дека ќе сме зборувале на македонски јазик. Притоа, погледнувајќи го однапред напишаниот одговор, што зборува дека прашањето е однапред договорено.

Веднаш потоа уследува трибината во Европската Унија во која ни укажуваат за значењето на референдумот и перспективите кои што ќе сме ги оствареле, и на крајот не зачинуваат со стравувањата на Едвард Џозеф дека корекциите на границите во Европа, штетно ќе се одрази врз Македонија.

Е, така почитувани пријатели отсега до 30. септември, не во интервали туку во континуитет ќе ни биде секој ден исто. Едни ќе не фалат, други ќе ни кажуваат колку колку сме битни, а ние не знаеме. Трети ќе ни кажуваат колку сме глупави, оти доброто ни е пред нос, а четврти ќе не плашат со промена на граници и вооружени судири во Македонија. Значи ќе одат комбинирано – со лижавчиња и со баба роги. На лижавчињата треба да им се каже „Благодарам, шеќерот ми е покачен“, а на баба рогите треба да им кажеме „30 години живееме во страв, веќе не се плашиме!“.

Немој да не правите будали, ова не го правите за нас туку за вас. Имате потреба да си го заокружите јужното крило на НАТО, да не ставите во вашето менгеме. И не сме против тоа! Направете го веќе еднаш! Ама без промена на Уставот со цел промена на уставното име, без промена на историја. Устав не менуваме, историја не менуваме. Кој колел и стрелал треба за навек да се знае дека тоа го правел, како што од памтивек до денес се знае дека ние сме Македонци и ништо повеќе од тоа.

Немој да не правите будали, Грција да има право на три имиња, а ние на ниту едно! Нашиот јужен сосед може да се вика Грција, може и Хеленик Рипаблик, а може и Елада. А, ние немаме право ниту на едно име!

За каква демократија, за какви граѓански права и слободи зборуваме? Можеш да се декларираш како хомосексуалец, како трансвестит, да одбереш да бидеш полово недефиниран, и тоа со закон ќе бидеш заштитен, само како Македонец од Р.Македонија не смееш да се декларираш! Не смееш ниту да протестираш, за тоа те апсат. Не смееш да го браниш своето. Па нео-нацистите пред два дена протестираа. Имаше и повредени. Тие имаат право на протест, само нас Македонците не угнетуваат.

Немаме право на молчење! Не, немаме! Особено не ние кои сме биле на истакнати функции, и сме јаделе народен леб. Сме хранеле фамилии и сме школувале деца. Од народот се разбира. Немаме право да молчиме, па колку год опасноста по нас била.

loading...