Камбовски: Бојкотот е дозволен, но организирањето на бојкот на референдумот е казниво со закон

АКЦИЈА
loading...
ФОТО: СДК.мк

ИЗВОР: СДК

Никој не смее да ги организира граѓаните да не се спроведе референдумот на 30 септември, зашто тоа ќе се смета за кривично дело организирање на отпор за извршување на донесена законска одлука, вели академик Владо Камбовски. Тој вели дека одлуката за референдумското изјаснување за членство во НАТО и ЕУ со признавање на Договорот со Грција ја донесе Собранието, таа е законита, што значи мора да се спроведе.

Според академик Камбовски, секој може јавно да го каже своето мислење дали е „за“ или „против“ поставеното референдумско прашање или е за бојкот на референдумот, но никако не смее да ги организира граѓаните да не излезат да гласаат. Секој граѓанин, политичар, движење, партија, носител на јавна функција, секој индивидуалец во овој процес треба да биде внимателен, препорачува Камбовски.

„Никој не смее да ги организира граѓаните да не се изјаснат. Политичките партии треба да се тргнат од таа работа. Не е ни етички ни морално да агитирате, да делите материјали, да одржувате собири или протести со цел да ги убедувате граѓаните да го бојкотираат изјаснувањето „за“ или „против“ референдумското прашање. Референдумското прашање е изгласано и референдумот е закажан со одлука на Собранието. Таа одлука е законита. Тоа е како судот да донел одлука (пресуда), а некој да ги организира граѓаните таа законска одлука да не се спроведе“, споредува Камбовски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на 24 август ги известил пратениците дека до денеска треба да се изјаснат дали се „за“, „против“ или за „бојкот“ на референдумот, за потоа пропорционално на пратеничките групи или на пратениците од сите три опции Собранието да им го плати комерцијалното претставување на кампањите во медиумите.

Кривичниот законик е прецизен и во членот 387: „Организирање на отпор“, стои:

„(1) Тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години“.

Според Кривичниот законик, за организирање отпор кон законита одлука може да се добие затворска казна и до три години, но членот е уште поригиден ако дошло до проблеми или тешкотии за спроведувањето на таа одлука, па пропишува казна и до 5 години затвор за евентуална таква последица.

loading...