Рецепт за домашно оризово млеко, а од него направете пилинг на кожа

АКЦИЈА
loading...

Можеби ако сте алергични на лактоза, ова е совршеното млеко за вас. Но сепак и да не сте, оризвото млеко е одлично да го додадете во своето кафе или пак да го искористите за подготовка на некои слатки или колачи. Од нутритивна гледна точка, 1 чаша оризово млеко содржи:

  • 120 калории
  • 2 g масти
  • 0 g холестерол
  • 8 g јаглехидрати
  • 4 g протеини
  • 2 % од дневната препорачана доза на витамин Ц и
  • 1 % од дневната препорачана доза на железо.

Доколку сте алергични на лактоза консумирањето на ова млеко ќе ја намали поддуеноста која ја чувствувате после пиење на обично млеко.

Како да го подготвите?

Потребни состојки за подготовка на 1 литар оризово млеко:

  • 1 чаша ориз (може и ½ чаша бел ориз и ½ чаша интегрален ориз)
  • 1 литар вода
  • мед и арома на ванила (по желба).

Начин на подготовка:

Оризот ставете го во длабок сад и прелијте го со водата, оставете го да стои преку ноќ. Следниот ден фрлете ја водата и додадете нова вода. Со новата вода ставете го оризот во блендер и измешајте убаво, се додека оризовите зрна убаво не се исситнат. Потоа ставете го ситниот ориз и вода во огноотпорен сад на оган и мешајте интензивно додека не зоврие, кога ќе зоврие мешајте уште 2-3 минути. Доколку смесата стане многу густа, слободно додадете уште малку вода и мешајте. Тргнете го оризот од оган и оставете малку да се излади и повторно ставете го во блендер и изблендирајте уште еднаш. На крај преку газа или ситна цеделка процедете го оризвотот млеко.

Складирајте го во стаклен сад и чувајте го во фрижидер, ќе остане свежо околу  4-5 дена бидејќи не содржи конзерванси. Доколку сакате по желба можете да додадете и малку ванила и и мед.

Густата оризова смеса која ќе ви остане од процеденото оризово млеко не ја фрлајте туку искористе ја за подготовка на пилинг за тело.

За пилинг

Негувана, сјајна и еластична кожа е сон на секоја жена. Како што годините минуваат структурата на кожата се менува, така што за да изгледаме негувано и младо треба постојано да се грижиме за кожата. Отстранување на мртвите клетки и соодветна хидратација се основните чекори кои гарантираат свеж, сјајен и млад изглед.

Наш предлог за негувана, сјајна, еластична и кожа без целулит е пилинг за тело од ориз, талог од кафе, црн бибер, мед и бадемово масло.

Потребни состојки:

  • талогот од ориз кој ви остана од подготовката на оризовото млеко
  • 1 лажица талог од кафе
  • 1 лажичка бадемово масло
  • 1 лажичка мед
  • 1 лажичка црн бибер.

Начин на подготовка:

Во стаклена тегличка убаво измешајте ги и соединете ги сите состојки. Чувајте го пилингот на ладно и темно место.

Овој пилинг е одличен затоа што ќе ви помогне во отстранувањето на мртвите клетки од кожата, а воедно благодарение на црниот бибер и кафето ќе ја забрза и циркулацијата со што ќе се намали и целулитот. Бадемовото млеко и медот се многу хранливи и ќе и дадат еластичност и свежина на вашата кожа.

Практикувајте го овој пилиг два пати неделно.

Со нежни движења масирајте ја кожата пред туширање, а потоа темелно исплакнете и после туширањето намажете ја кожата со вашиот омилен лосион за тело.

loading...