ОД ИСКУСЕН ПОЛИЦАЕЦ ДО ЧУВАР НА ЦРВЕНКОВСКИ, ПА ДО ДИРЕКТОР ВО БЈБ

АКЦИЈА

Кормилото во Бирото за јавна безбедност од денес па во следните четири години ќе го врти Сашо Тасевски.

Одлуката тој да ја наследи фотелјата на Лазо Велковски кој поради скандалот со службениот џип беше решено да се повлече од функцијата на која дојде по разрешување на Митко Чавков ја донесе Владата.

Сашо Тасевски јавноста подобро го запозна точно на „крвавиот четврток“. Некои сметаа дека е херој оти како искусен полицаец со дведецениска професионална работа во МВР заедно со уште неколкумина колеги покажа храброст и не дозволи да се случи поголемо крвопролевање кога бесна толпа упадна во Парламентот. Другите го сметаа за „каубој“ оти извади пиштол со кој нишанеше и го праша претседателот Заев дали да пука. Сепак, јавноста можеби помалку го познава Тасевски како припадник на единицата за специјални задачи „Тигар“.

Многумина за него знаат уште во времето на Бранко Црвенковски кога беше лично обезбедување на екс претседателот на државата.

Тaсевски работел и во одделот за странски делегации, а последната значајна функција ја имал во време кога актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски беше технички министер.

Сашо Тасевски е магистер по безбедност и докторант на Факултетот за безбедност.

Бирото за јавна безбедност на чие чело застанува е орган во состав на Министерството за внатрешни работи, кој ги врши полициските работи во Министерството и чија организација и надлежност е уредена со Законот за полиција .

Оваа институција е надлежна за планирање, следење и анализирање на безбедносната состојба и причините за појава на криминалитет, но и загрозување на јавната безбедност. Има и низа други надлежности.

И. С. за Фактор

loading...