„СУМ“ до Чепреганов: Ја урнавте својата репутација на национална икона во само 2-3 минути

АКЦИЈА
loading...

Глобална координативна мрежа – СУМ, Сите за Унитарна Македонија,

Му се обраќа јавно на Проф. Д-р Методи Чепрeганов.

Почитуван Професоре Д-р Чепрeганов,

Неизбежно, речиси цела држава Ве познава – што како Ваши пациенти, што од Вашето медиумско присуство , пред се’ како врвен доктор по медицина, а потоа и по вклученоста во значајни настани и поврзаноста со други истакнати Македонци, потоа по музичка линија, локал патриотство итн.

Но, претставата за Вас како еден вид национална икона, кај многумина самите ја урнавте во 2-3 минути, на почитуваната ТВ 24, на 8 или 9 август, во интервју со тема „Излезе третото издание на енциклопедијата „Мозочни структури“, а еден од триесетте автори е и професор доктор Методи Чепреганов“ !

Тоа се случи со Вашето (јавно) фаќање страна за најавениот референдум на 30 септември, што во овој случај беше изразено со навредливи квалификации кон спротивно мислечките. Притоа, ја злоупотребивте својата струка и тоа го изнесовте со популарно-стручно „објаснување“ на психолошкиот профил (или менталната матрица) на бојкотарите!

Вие секако имате индивидуално право, како и секој, да мислите и постапите како ќе решите, но да давате „стручна“ оценка и да им натурите комплекс на тие што мислат спротивно од Вас, безмалку дека не се „токму“, а тоа се стотици илјади Македонци и државјани на Македонија, е скандалозно!

Зошто?

Ако сте супер, хипер стручен во Вашата област, не сте очигледно, (толку) стручен во толкување на општетсвено-политичките прашања, за да наметнувате свое мислење. Дали сте го прочитале Договорот Димитров-Коцијас и сте сигурни дека сте ги согледале сите правни, дипломатски замки? Простете, но не оставате таков впечаток!!!

Ако е тоа така, тогаш, ги погазувате врвните принципи на науката на која и’ служите, а тоа е внимателно, темелно истражување, согледување на факти, анализи па… заклучоци (научни) и тн.

Речиси никој од тие што најавуваат и агитираат за бојкотирање, не е ПРОТИВ ЕУ (за НАТО и така и така, процентот на поддршка е понизок) само што, тој пат го гледаат преку:

а) сочувување на вековните идентитетски вредности на Македонија/Име, историја, традиција и

б) не до благосостојба на државата преку фаќање за „појас за спасување“ наречен ЕУ, туку преку макотрпна работа, со свој труд и ресурси за расчистување со слабостите на системот (реформи) и за оздравување на економијата, а потоа, со исправен р’бет, достоинтсвено, ќе влеземе во клубот на избраните – во ЕУ!

Вам, „Манифестот на мотиката“ (позајмено од колумна на В. Андоновски) Ви е секако позната метафора, бидејќи освен дарба и образование, сте вложиле многу труд пред да стигнете до позицијата на европски и светски стручњак! Како тогаш истиот метод не му го препорачувате и на својот народ на патот кон зајакнување на државата и светлата иднината, туку прибегнавте кон ефтините рецепти на власта, за „спас без алтернатива, последна, единствена шанса итн..„! Зарем не гледате дека „светла иднина“ на Македонија според актуелната власт, е – самата држава, на соседните, наводно пријателски држави, да им даде алатки со кои дефинитивно ќе го толчат и уценуваат македонскиот народ и неговата матична држава Македонија, до целосно обезличување/ исчезнување!

Имаме многу проблеми за решавање внатре, со нас, меѓу нас самите, но Професоре, верувајте, Вие не сте единствен што бил и се докажал во Европа! Изгледа како да освен Канал 24, немате пристап до други медиуми, портали итн., за да ги следите аргументите на врвни експерти, научници и тоа не само од Македонија, кои укажуваат на опасностите од евентуалната реализација на Договорот со Грција (секако и со Бугарија) и се против одржување на Референдумот! Меѓу нив има стручњаци од други области, кои стекнале или се на пат да постигнат меѓународен углед; немате право да ги потценувате!

Македонија на референдум во 1991 веќе го потврди своето име – Република Македонија, кога прогласи осамостојување од претходната државна заедница! Ве молиме, кога ќе имате прилика да се сретнете со Вашите колеги од Европа, или барем од Франција, објаснете им што се случува во Македонија, која ете, под притисок, со извртени тези, без вистински аргументи, а со плитки ветувања кон народот (кого секако, го потценува и навредува и сопствената влада и меѓународната заедница), се принудува да го промени името.. видете како ќе реагираат, особено ако некој тоа од нив го побара!

Со почит,

СУМ – Сите за Унитарна Македонија/ Македонска Глобална Координативна Мрежа

Скопје, Август 2018 г.

Објавено на Македонска Нација

loading...