Тодор Петров: Бојкот на референдумот значи дека Владата и Собранието повеќе немаат мандат било што да решаваат!

АКЦИЈА
loading...

АРОГАНЦИЈАТА НА ВЛАСТА СТАНА МАНИЈА

Пишува Тодор ПЕТРОВ

Порано во едноумието, се гласаше со акламација. Што тоа значи? На сите конгреси, на сите централни комитети, одлуките се носеа едногласно со аплаудирање: Како што ќе каже тој што ги чита или претседава. Не се гласа кој е “за“ а кој е “против“, туку сите аплаудираат и претседавачот само констатира: Одлуката едногласно е донесена! Или поразбирливо, во преполнетата сала, “распоредени“ се луѓе од “протоколот“, знаат или им е напишано кога треба да пљуснат со раце, во ист момент аплаудираат, ним сите им се приклучуваат, и претседавачот, трогнат од френетичниот аплауз само констатира “Одлуката едногласно е донесена!“ Ако има некој против, нема шанса во таа толпа да стане и да каже зошто не се согласува со предлогот по кој се аплаудира.

Денес СДСМ вели, тој што не сака да гласа значи дека го прифатил предлогот на власта. Тоа, само кај нив може да важи. Ама не и во демократијата.

Понесени од заблудите во кои и самите се соживеани, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во своето последно гостување на ТВ Алфа во Отвореното студио, уште еднаш го потврди ставот на власта дека “доколку граѓаните се одлучат да бојкотираат, односно не се исполни цензусот, институциите ќе одлучуваат во име на граѓаните!“

Демек, ќе не’ плашат, излезете и гласајте макар и против, затоа што ИМ ТРЕБА ЦЕНЗУС, кој очигледно нема да го има! И ги фаќа паника! Впрочем, не очекувајте рационалност кај давеникот, тој да може цел свет би го повлекол со себе, затоа што му се ближи крајот!

Е, кажа така, Дамјан Манчевски и остана жив! Дали луѓето се слушат што зборуваат или мислат народот пие нафта и расте на гранка?!

– Било кое да е прашањето, макар дали сте Македонија да се укине, поради тоа што така вика СДСМ, треба да има над 50 проценти излезени и од нив 50 плус 1 да се “за“. Ако нема, значи нема одлука. Нема одлука ни “за“, нема одлука ни “против“. Значи, граѓаните решиле да не донесат одлука на референдум во однос на ова прашање, што не ги ограничува другите институции да одлучат. Ако граѓаните сакаат сами да одлучат, треба да излезат и да гласаат за ова прашање што е од најголема суштинска важност за нив. Ако не сакаат, може да си останат дома и да дозволат институциите да одлучат место нив, – вели Дамјан Манчевски.

Не, Дамјане, погрешно те воспитале и не те научиле на правилата на демократијата. Ај, што некои ја цитираат венецијанската комисија и јас би рекол не е релевантна за домашното законодавство и за уставно-правниот поредок на Македонија како суверена држава, та и за секоја друга!

Ама, Дамјане, запамети, ти та и твоите: БОЈКОТИРАМ значи НЕ ГЛАСАМ! А, ако сум против, нема потреба да гласам. Затоа, БОЈКОТИРАМ значи СУМ ПРОТИВ! Заклучок е: БОЈКОТИРАМ или НЕ ОДАМ НА ГЛАСАЊЕ е еднакво на ГЛАСАМ ПРОТИВ!

Па, мало потсетување по демократија…

Во членот 73 од Уставот пишува: “Собранието одлучува за распишување на референдум за одделни прашања од својата надлежност со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. ОДЛУКАТА НА РЕФЕРЕНДУМОТ Е УСВОЕНА, АКО ЗА НЕА ГЛАСАЛО МНОЗИНСТВОТО ОД ИЗБИРАЧИТЕ КОИ ГЛАСАЛЕ, ДОКОЛКУ ГЛАСАЛЕ ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНАТА ОД ВКУПНИОТ БРОЈ ИЗБИРАЧИ.“

И, во членот 74 од Уставот пишува: “Собранието донесува одлука за менување на границата на Републиката со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. ОДЛУКАТА ЗА МЕНУВАЊЕ НА ГРАНИЦАТА Е УСВОЕНА НА РЕФЕРЕНДУМ, ДОКОЛКУ ЗА НЕА ГЛАСАЛО МНОЗИНСТВОТО ОД ВКУПНИОТ БРОЈ ИЗБИРАЧИ.“

А, во членот 120 од Уставот пишува: “Предлог за стапување во сојуз или заедница со други држави или истапување од сојуз или заедница со други држави можат да поднесат претседателот на Републиката, Владата или најмалку 40 пратеници. Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. ОДЛУКАТА ЗА СТАПУВАЊЕ ИЛИ ИСТАПУВАЊЕ ОД СОЈУЗ ИЛИ ЗАЕДНИЦА СО ДРУГО ДРЖАВИ Е УСВОЕНА, АКО НА РЕФЕРЕНДУМ ЗА НЕА ГЛАСАЛО МНОЗИНСТВОТО ОД ВКУПНИОТ БРОЈ ИЗБИРАЧИ.“

Во членот 19 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните (“Службен весник на Република Македонија“ број 81/2005), пак, пишува: “РЕФЕРЕНДУМ ЗА ИСТО ПРАШАЊЕ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПОВТОРИ ПРЕД ИСТЕКОТ НА РОКОТ ОД ДВЕ ГОДИНИ ОД ДЕНОТ НА ОДРЖАНИОТ РЕФЕРЕНДУМ!“

Дали Дамјан и останатите од Владата се доволно писмени да разберат што од погоре цитираното во Уставот и законот за референдум пишува?

Дамјане, бојкотирањето е демократско право на секој! Кога нема цензус, одлуката на референдумот НЕ Е ДОНЕСЕНА! А, кога одлуката не е донесена, тоа не значи дека тебе ти е доверено правото да го уредиш прашањето по кое народот не донел одлука!

За да ти стане уште појасно: БОЈКОТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ значи НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА НА ВЛАДАТА и РАСПУШТАЊЕ НА СОБРАНИЕТО!

БОЈКОТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ значи: Владата и Собранието повеќе немаат мандат било што да решаваат! Бојкот на референдумот значи НОВИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ, ВЕДНАШ!

Ај што лажете и крадете, туку погрешно го применувате и материјалното право од Уставот на Македонија!

Ај што Ви е прекршен членот 15 став (4) од Законот за референдум … “Прашањето на гласачкото ливче мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓанинот на референдумот да може да одговори со ’ЗА’ или ‘ПРОТИВ“… А, според ставот (3) … “Ако се гласа за повеќе прашања, за секое прашање се гласа на посебно гласачко ливче“… Но…

За прашањето “Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ НЕ ВАЖИ процедурата од членот 73 од Уставот – 61 пратеник и 450.000 гласови “ЗА“ при излезеност 900.001 избирачи од вкупно 1.800.000!

За прашањето “Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ ВАЖИ САМО процедурата од членот 120 од Уставот – 80 пратеници и 900.001 гласови “ЗА“ од вкупно 1.800.000 избирачи!

Уставниот суд треба веднаш и безусловно да ја поништи Одлуката за распишување на референдум од 30 јули 2018 година, или до одлучување да донесе времена мерка и да ги стопира сите поединечни дејствија што се преземаат врз основа на неа, поради штетните последици по Буџетот и даночните обврзници, правата и слободите и правниот поредок на државата! Ало, Судеее, се слушаме ли? Вашиот молк е кривично дело и значи суспензија на Уставот…

 

loading...