Кирацовски: Фризерот Диме ме прашува, зошто си ме сменил?

АКЦИЈА

Александар Кирацовски, генералниот секретар на СДСМ, кој деновиве се најде во центарот на вниманието, откако во одредени медиуми се објави веста дека си ја вработил својата фризерка во МЕПСО за плата од 43.900 денари, во изјава за ,,Фокус’’ вели дека целата приказна е една голема трагикомедија во која што нема ниту трошка вистина.

Тој раскажува дека девојката никогаш во животот ниту го потстрижила, ниту пак има било каква врска со нејзиното вработување, туку се работи за невистини со цел да му се наштети на неговиот углед.

-Веќе дваесет години наназад редовно одам на фризер во студиото ,,Кармен’’ кај Диме, во Битола. Девојката која за жал се најде на мета на напади, колку што сум информиран, никогаш не ни работела како фризерка, а не пак да била моја лична фризерка на која сум и редовен муштерија. Дури и мојот фризер Диме ми се јави, и на шега ме праша – Како така да си ме сменил, а јас да дознавам од медиуми? – раскажува Кирацовски.

Инаку, Кармен е популарно фризерско студио во Битола, познато под мотото – За влакно пред другите. Додава дека се труди да не реагира на провокации, а во целата ситуација најмногу му било жал за девојката, која што неосновано била поврзана со неговото име.

-Станува збор за работна позиција на хигиеничарка, а толку негативни коментари и завист. И вмешување на моето име во нешто кое што нема допирна точка со мене, не знам што друго да кажам освен да се насмеам на нечија креативност во измислување на приказни. И моите дома, сопругата и роднините на целата работа гледаат како на една невкусна шега, бидејќи сите знаат кој тоа мене ме потстрижува цели две децении. Девојката ја знам само од видување, и пак ќе кажам дека нема ниту трошка вистина во обвинувањата – во телефонски разговор ни изјави Кирацовски.

Откако во некои медиуми се објави веста дека лицето П.К. која била фризерка на Кирацоски се вработила во МЕПСО како среднист за плата од 43.900 денари, од МЕПСО демантираа и појаснија дека таа е вработена на работното место хигиеничарка со плата од 19.200 денари.

Фокус.мк

loading...