ЕВРО и АТЛАНТСКИ интеграции: Важно е што добива Македонија, но и колку чини членската

АКЦИЈА
loading...

Преземено од Денешен.мк

Покрај злоупотребата на евроатлантските интеграции (за кои од Левица велат дека се мит, затоа што НАТО и ЕУ се две различни работи и не одат секогаш во пакет) во дефинирањето на референдумското прашање, секојдневно на граѓаните им се сервираат само придобивките од зачленувањето на Македонија во ЕУ и НАТО, а притоа ретко или сосема се прескокнуваат обврските кои земјата треба да ги понесе.

Често за тоа се користат и социјалните медиуми. Таков е случајот и со завчерашните пораки од премирот Зоран Заев, кој на својот профил на Фејсбук објави како растел БДП во неколку земји членки на ЕУ, откако тие се зачленети.

– ЕУ ги зголемува приходите на земјите членки. Во периодот од 2004 до 2017 година, бруто домашниот производ на Унгарија се зголемил за 23 отсто, за 37 проценти во Чешка, за 63 отсто во Полска и за 67 проценти во Словачка, порача Заев преку Фејсбук.

Во текот на денот, вчера, испрати до граѓаните и друга порака преку својот профил:

– Со договорот ја минуваме најтешката пречка за членството во ЕУ. Нема веќе блокади, добивме датум за почеток на преговори и покана за членство во НАТО. Македонија ќе биде дел од обединета Европа, засекогаш- порача премиерот.

И граѓаните имаат што да кажат

Набргу следеа и коментари на статусот на Заев од кои се гледа дека граѓаните се свесни дека ако не се менаџира добро во државата, ЕУ по автоматизам не го дига БДП.

– Ние не сме во ЕУ и во наредните 10 години нема да бидеме и со промена на името. А после 10 години не се знае каква иднина ќе има ЕУ, коментира Ване Јовановски.

Друг граѓанин коментира:

– Мижи Асан да ти бајам! Овој не избира средства да манипулира со јавното мислење. Ама џабе му е, зашто народот ќе го бојкотира референдумот, коментира Милко Стојаноски.

Со поддршка на Заев, и со контра одговор на претходниот коментар, друг граѓанин пишува:

– Ти да не си видовит, па знаеш дека ќе го бојкотираат (референдумот). Ако ти си со такви мисли, не се сите како тебе. Гледаат напред во иднина и просперитет, а не мижат и да одат на бајачки, му реплицира Сашо Наумчевски.

На статусот на Заев коментира и Валентин Ѓорѓиоски:

– Ако ЕУ ги зголемуваше (БДП), сите погоре ќе имаа слично/еднакво. Ама немаат. Не е ЕУ таа што ги зголемува. Секоја држава сама, секој народ сам. Со својот менаџмент, односно со своите влади. Македонија колку има раст од 2004 до 2017? Сто проценти, од 5,6 на 11,3, одговара Ѓорѓиоски.

Во својот коментар Жарко Станковски го прашува Заев: „А колкав е (тој процент) во Кина“?

Како за ЕУ, исто така, и за зачленувањето во НАТО се истакнуваат само правата и придобивките, а политичарите им должат на граѓаните да им ги претстават и обврските кои ќе следуваат за земјата и граѓаните, при евентуално влегување во Алијансата.

Колку чини „членската“ во Алијансата?

На оваа тема, исто така на Фејсбук, Никола Костески напиша:

– Прво, ако Македонија некогаш влезе во НАТО, годишниот трошок за одбрана, од сегашните 6 проценти од БДП, ќе мора да го зголемува секоја наредна година за нови 3 проценти, додека не достигне 21 процент. Но, времето не смее да биде подолго од 5 години. Второ, годишната „членарина“ за нашата земја според сегашните правила на НАТО, ќе изнесува 120 милони долари. Доколку се оствари новото барање на САД, „членарината“ ќе се удвои. Трето, во првите три години по приемот Македонија ќе мора да се задолжи со 600 милиони долари за да ја усогласи својата воена моќ со плановите на НАТО, согласно задолженијата на македонската војска според нејзината географска позиција. Четврто, во првите 3 години, Македоноија ќе треба да набави нова опрема, комуникациски средства и оружје во вредност од 1,5 милијарда долари. Најголем дел од средствата ќе бидат одвоени за военото воздухопловство. Петто, доколку НАТО одлучи да гради база или друг вид инсталација во Македонија, на пример полигон за обука (тоа веќе во софистицирана форма се реализира на Криволак и Петровец), одржувањето ќе го плаќа Македонија, а тоа ќе чини најмалку 100 милиони долари годишно, коментира Костески.

Тој натаму додава дека „ова се податоци од документите на НАТО и Заедничката команда (читај: САД)“.

– Според истите извори, македонскиот надворешен долг по третата година во НАТО, ќе изнесува 110 проценти од нејзиниот БДП, додава Костески.

Така коментираат граѓаните. Може да има „неточни и спорни бројки и проценти“ во нивните забелешки. Но, токму затоа се потребни релевантни информации од тие што на граѓаните им ги пласираат придобивките, да им ги соопштуваат и обврските што следуваат од интеграциите.

loading...