Колумна на Солза Грчева: ПРОПАГАНДА

АКЦИЈА
loading...

Пишува: Солза Грчева (проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)
Објавено во: Вечер

Не пројдоа ниту два дена од изјавеното, Заев повторно се најде во прилика да се извинува. Му се извини на Борисов за “невнимателната“ изјава дека Илинден е македонско востание. Имајќи го гробот на Гоце Делчев среде Скопје, отиде во Благоевград да му се поклонел на македонскиот великан во присуство на чуварот на клучот за ЕУ, Борисов. Од таму го подбраа и најверојатно го потсетија на ветеното: Македонија ќе постои само во македонските народни приказни. Го потсетија и на мешовитата историска комисија која им дозволи на Бугарите, сите наши личности од историјата, културата, како и историски настани, да бидат прогласени и чествувани како бугарски. Молам, се им е дадено на хартија и нема бегање. Нема тука како во цртаниот филм “ну зајац погоди“.

Замислете, тоа е човекот кој како вчера се обиде целата држава да ја нарече “Илинденска Македонија“, знаејќи дека Илинден да ти бил бугарски празник и востание. На секое споменување на државата, ќе требаше да им се извинува на Бугарите, или ќе требаше да стои фуснота покрај името: оваа држава е бугарска. Така и со Грците на кои им ја подари историјата, со сите Македонци во соседството и придавката “македонски“, така и со сите комшии. Ако автопатот (кој тоа не е) кон Грција го нарече “пријателство’, оној неизградениот кон Бугарија ќе треба да го нарече “бордел“. Борисов јасно му кажува дека и од Прличев ќе треба да се откажеме, а овој бунца за некакви си взаемни пријателски односи.

Премиерот е многу дружељубив, ама не со Македонците. Тие му требаат само како бројка за фалсификуван референдум и толку. Македонците, минус земјаните и профитерите, му се благо речено непријатни. Му поставуваат кочани во тркалата на револуцијата која тече. А тече со многу пари и со многу пропаганда. И со насилство, се разбира. Се води војна и на Твитер и на Феисбук, каде групата #бојкотирам ја “загрозува“ иднината на нивните деца. Онаа иднина, а секако и сегашност, каде се делат тендери и се ограбуваат фондовите пред очите на вџашените граѓани на кои не им треба многу за да разберат, дека и ветените пари од НАТО и од ЕУ, ќе завршат во нивните џебови. Впрочем и Греко при Советот на Европа ги прочита, па вели дека “целосно разочарувачка е борбата со корупцијата во Македонија“. Ви благодарам Греко на сознанието. Ние тоа го живееме секој ден. Едни се во вилите на Халкидики каде ги возат со службени коли, а другите се невработени. Бидејќи таму каде има ветен “живот“ кој никако да дојде, доаѓа до тивка смрт.

Се јавија и оние кои се закануваат со војна, ако Македонците не покажат спремност сега, веднаш и безусловно да се себе жртвуваат, за да другите делат тендери и изигруваат функционери. Да, можеби ќе има војна, но поверојатно ќе биде опиумска. Нема да можат да се договорат како “братски“ да ги поделат концесиите за полињата со марихуана. Повеќе очекувам сцени како од филмот “Кум“, одошто некаква си замислена војна.

Хроничарите, мислам на хронично опсесивните про владини загари, се пуштаат на се што вели: бојкот. Не сместуваат во ковчези (ало Цивил, имате ли пилот(ка) во авионот), не нарекуваат шизофреничари, прости, глупави, назадни, пцујат, колнат. Не дека некого го допира, но загрижена сум навистина кој ни ги учел студентите.

Им порачува министерот Адеми на нашите иселеници, да го подржат референдумот. Ах, ова е најголемиот виц. Нека појде тој лично во Канада, САД и во Австралија и нека им раскаже дека Македонија и Македонците ќе ги нема со еден потпис. Ниту конзулите, ниту амбасадорите, а веќе ни владиците кои се здружиле бргу, бргу со власта, не смеат да се појават меѓу иселениците. Бев таму и видов: сплотени, единствени, организирани, силни, модерни. Македонци од кои можеме многу да научиме. Зарем Адеми не ги гледаше протестите со илјадниците Македонци, зарем не се сеќава на овдешните навреди кои им ги упатуваа постојано на истите кои сега ги моли?! Им велеа дека немаат право да ни се мешаат (во тендерите веројатно) и дека ние си знаеме. Ги сведуваа на носталгичари по земјата која одамна не им припаѓа. Ги исмеваа за знамето кое исто така нели, не им припаѓа. Тие многу добро знаат што им припаѓа, а што и кој им одзел. Затоа, тој филм со наместениот референдум, нема да се дава. Ниту еден Македонец преку океаните нема да го даде својот глас за овој насилен инженеринг. Не само тоа, туку нема да стапне на избирачко место. Стопроцентен бојкот.

Инаку слушам, за ова кусо време додека не бев во Македонија, дека почнале да се делат веќе анатеми и етикети на оние кои јавно застанаа зад бојкотот на референдумот. Биле плаќани од странски влади (служби). Оние на кои навистина им се делат огромни грантови од странски служби, сега велат: држете го крадецот. Тие истите кои го ограбуваат буџетот за финансирање на своите партии по принципот: сложни браќа во петок мрсат. Хаштагот #СтранскиСлужби веднаш ќе го промениме со #СтранскиВлади. Штосот е веќе излитен. Фалат уште жолтите комбиња.

Во целава хистерична пропаганда, во честитката од поглаварот за Илинден, долу во потписот на писмото неприметно се провлече “Охридска Архиепископија“, наместо МПЦ. За 5 години, се што е македонско ќе го снема. Црквата веќе се прилагодува, тихо и безропотно. Повеќе од јасно е дека референдумот не само што го замислиле како “консултативен“ туку воведоа и нов тип на референдум: декоративен. Ниту се консултираа, ниту не прашаа.

Епа возљубени чеда, знаете што треба да правите. Во недела на 30-ти септември одмарајте се или направете си генералка во станот. Јас ќе одам на манастир (ова за службите да не се мачат). Има правење, но има и отправање

 

loading...