Делете ја, парчете ја, пак ќе биде наша најмила

АКЦИЈА
loading...

Пишува Страшо Ангеловски (претседател на МААК) за Нетпрес

Пред некој ден, после Илинден, сонив сон, страшен, чуден, речиси нестварен. Денес и овде ќе го споделам со вас.

Одеше вака:

Во сонот видов една принцеза, прекрасна, убавица.Живееше во едно преубаво царство, вистински рај. Живееше среќно колку што можеше, заради се’ што се случуваше наоколу. Веќе единаесет години имаше управител на царството кој работеше макотрпно, деноноќно создаваше, градеше, некогаш и грешеше, ама, се обидуваше да ја направи уште посреќна.

Принцезата имаше соседи, со царства поголеми од нејзиното, ама со многу имот украден од нејзиниот прадедо некаде пред 105 години. Тие, соседите, без согласност на нејзиниот прадедо, си потпишале договор за да си го поделат неговиот имот. Си повикале и сведоци од некои големи земји. Алчни, гледам во сонот, и денес сакаат да грабнат уште од нејзиниот имот. Дури, ако можат, да и’ го грабнат целиот.

А, некаде далеку зад морињата, имаше една голема земја, чинам Јуесеј ја викаа, или така некако. Таа, поставуваше свои шерифи во сите помали земји. Па така, беше поставила свој шериф и овде, во царството на убавата принцеза. Еден грд, лош човек, се викаше Џес, некое, за мене туѓо име.

Наеднаш, пред некое време, во царството се појави човек, кој за себе тврдеше дека Господ го подзел од некоја нива и дека Џес и неговите другарчиња го одбрале да го управува царството на убавата принцеза. Никој не му веруваше, го сметаа за шутрак. Ама тој, сетики се мушкаше зад вратите на одаите на убавата принцеза и го прислушкуваше управителот на царството. Шерифот Џес, кого уште го викаа „главатарот Големото уво“, му даде муабети кои и тој ги беше прислушкувал додека управителот си разговарал со пријателите и соработниците.

И човеков, овој де, што Господ, според неговото кажување, го беше подзел од некоја нива, почна да шета меѓу поданиците во царството, со засукани ракави, небаре Јан Кесеџија, и да им го раскажува тоа што скришум зад врата го чул и она што шерифот Џес му го кажал. Па, почна сето тоа да го врти и превртува како што нему му одговара само и само да го оцрни управителот. Да кажува дека изграденото не е изградено, а и она што е изградено не чини, дека направеното не е направено, дека црното е бело, дека…

Па, им раскажуваше дека речиси е волшебник кој може да јаде живи луѓе и да ја витка кичмата колку ниеден жив човек на светот. Па, ги убедуваше поданиците дека и нив ќе ги научи да си ја виткаат кичмата како да се од гума. Еден дел од нив му поверуваа, шерифот Џес му ги пушти и неговите слуги кои живееја некаде во северозападниот дел од царството, па човекот, оној кој за себе тврдеше дека Господ го подзел од некоја нива, ги прелажа и поданиците и управителот и со лага и измама, влезе во одаите на убавата принцеза.

Принцезата не го сакаше, ама тој насила, оти шерифот Џес и неговите слуги му помогнаа, успеа да стане управител деспот. Па, почна да ја малтретира убавата принцеза, да ја срами насекаде по светот, да зема од трезорот на царството и богатството да им го дели на оние кои му помогнаа да стане тоа што е. Се претвори во кадија кој и тужи и суди. Брзо брзо им покажа на поданиците како изгледа да ја виткаш кичмата колку ниеден жив човек на светот. Дел од нив, оние на кои им подели од богатството од трезорот, се обидоа да бидат како него, па некои успеаја да си ги свиткаат кичмите дури и повеќе од него, па станаа акробати познати како „луѓето од гума“. Сите тие, едвај неколку стотини, еден ден, како гуми се протркалаа на една резил прослава, на која, најгумениот од нив, човекот кој за себе тврдеше дека Господ го подзел од некоја нива, им објави дека ќе и го сменел името и ќе ја обесчестел убавата принцеза.

Но, кога виде дека убавата принцеза се згрозува од неговите гумени акробации, се здружи со нејзините соседи, со оние чии прадедовци пред 105 години украле делови од нејзиното царство. Се здружи за да ја казни неа и поданиците затоа што не го сакаат. Па, седна и со пенкалото што го бакна, потпиша договор со соседите Бојко, Алек и Еди. Договор како да ја убие убавата принцеза.

Овие, алчни какви што ги дал Господ, го подучија да сече парче по парче од телото на убавата принцеза и да им го дава ним. Така, му рекоа, ем ќе ја казни неа за непослушноста, ем ќе ги награди нив зашто му се верни другарчиња. Шерифот Џес силно ракоплескаше и повикуваше слични на него да му прават друштво и, заедно со него, да ракоплескаат и да сведочат на распарчувањето на живото тело на убавата принцеза. И додека тие ракоплескаа, се погласен стануваше екот од хорот од стотици илјади гласови, кој пееше еден познат рефрен:

„Делете ја, парчете ја, пак ќе биде наша најмила…“

Во меѓувреме, од распарченото тело на убавата принцеза, Еди го побара „јазикот“, Алек ги побара „краците“, а Бојко, Бојко го побара срцето. Па, човекот кој за себе тврдеше дека Господ го подзел од некоја нива, со голем нож во раката, тргна да го извади срцето од телото на убавата принцеза и да му го подари на Бојко. Тогаш, во сонот, чув дека срце на јазикот на тоа царство и на јазикот на тој народ, се викало „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“. Значи, човекот тргнал да го подарува најсветото, највредното, животворното, срцето на убавата принцеза Македонија, што на нејзиниот јазик се кажувало ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ.

Во тој момент чув стотици илјади гласови како извикуваат, се погласно и погласно:

Џес, тргни ги рацете, ќе видите на 30 – ти септември, Џес, тргни ги рацете, ќе видите на 30 – ти септември, Џес, тргни ги рацете…

Тој екот ме разбуди, препотен и уплашен. Го замолив Господа ова да биде само сон, грд, страшен, ама никогаш недосонуван.

 

loading...