Со спакувана торба видов дека ме нема на стартната листа

АКЦИЈА

Евгениј Поп Ацев тргна на пат кон Глазгов каде требаше да настапи на Европското првенство, но пред да стигне дозна дека воопшто не бил пријавен за настап од страна на Пливачката федерација на Македонија.

Евгениј Поп Ацев требаше да плива на трките на 10 и 25 километри на Европското првенство во Глазгов. Максимално се подготвуваше за настап, но нема да биде дел од континенталниот собир затоа што не бил пријавен за настап од страна на ПФМ.

Тој преку својот фејсбук профил ја објаснува ситуацијата, вели дека е крајно разочаран, тажен, огорчен поради овој скандал во кој тој е жртвата.

„Чуствувам обврска да ја објаснам сегашната ситуација околу Европското Првенство во Глазгов. Во Февруари ја исполнив нормата дадена ПФМ за настап на Европското Првенство и во изминатата година цела моја енергија фокус тренинг и мотивација беше за ова Првенство. До последен ден добивав лажни информации од ПФМ и верував дека се е во ред со мојот настап. Може да замислите колку беше разочарувачки и тажно за мене кога со веќе пола спакувана торба видов на стартната листа (пред само два дена) дека моето име не е таму. Имам едно објаснување од ПФМ( нема ни да се осмелам да го објаснувам зашто е патетично и понижувачко ) и сосема спротивно од ЛЕН која вели дека мојата Федерација не пратила пријава воопшто. За тие кои ме познаваат или кои се натпреварувале на интернационално ниво ќе разберат дека за моите разочараност огорченост и болка нема зборови да се опишат. Уште поболно е дека луѓето одговорни за оваа ситуација се натреварувале на исто ниво и се свесни колку ми значеше настапот на ова Првенство и колку можев да постигнам. Мислам дека тешко ќе му биде на секој нормален човек да си објасни зашто ова ми го направија и до последен момент ме лажеа, но ако некој знае слободно нека пише во коментар или нека ми се јави. Сметам дека ниеден спортист не заслужува и не треба да го доживее ова и затоа решив јавно да го споделам“, вели Евгениј Поп Ацев.

Неговиот брат, Дарко Поп Ацев смета дека Евгениј намерно не бил пријавел од Пливачката федерација на Македонија.

„Ќе пливаше! Требаше да плива, но… благодарение на Пливачката федерација на Македонија на чело со Александар Маленко и селекторот за маратонско пливање Томи Стефановски, Евгениј намерно не е пријавен на Европското првенство и покрај уредно испливаната норма поставена од ПФМ на почетокот на годината“, вели Дарко Поп Ацев.

loading...