Отворено писмо на Владиката Јован до Оливер Спасовски

АКЦИЈА

Отворено писмо од архиепископот на ПОА г.г. Јован до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

„Почитуван г-дине Спасовски,

Без долг вовед, кој во вообичаено обраќање кон Вас би требало да го има, би Ви кажале само дека се надевавме оти со промената на власта ќе настапи ново време, време на толеранција и верска слобода, без никакви дискриминации по верска основа, што започнаа уште во времето кога претседател на Р. Македонија беше г-динот Бранко Црвенковски (поранешен претседател на Вашата партија), но до тоа сепак не дојде. На 9-ти јули, оваа година, граничната полиција, на граничниот премин Меџитлија ни ја одзеде патната исправа без никакво образложение.

Наредниот ден, отидовме во МВР Битола, а таму post festum ни врачија решение: ОРГ-СУНР-Отсек за управни работи Битола бр. 15.1.5/1336 од 05.07.2018 г., потпишано од началник: м-р Тодор Кирацовски. Со решението ни се одзема патната исправа, а поради тоа што Отсекот за управни работи Битола добил известување од судот Скопје I, КОК 56/15 од 03.07.2018 г., дека сме осудени на казна во траење од 1 година и еден месец. Правосилната пресуда за тој предмет ние ја добивме на 10 јули 2018 г., и во неа јасно пишува во диспозитивот дека сме осудени на казна во траење од 1 година и еден месец, но во образложението (на втората страница), исто така јасно пишува и дека во казната ни се засметува времето што сме го поминале во притвор, а кое со некој ден е повеќе од една година и еден месец. Истата пресуда ја однесовме во органот што го издал решението, но тие не покажаа никаков интерес да го одменат решението.

Во меѓувреме, на интерес на јавноста, бидејќи некои новинари се заинтересираа за ова, судот Скопје I излезе со соопштение дека за лицето Јован Вранишкоски не постои мерка за одземање на пасошот. Тоа нѐ натера да напишеме претставка до претседателот на судот Скопје I, од кого добивме одговор, дека: „по извршена проверка во системот на судот, од страна на Основниот суд Скопје I од Скопје, не е донесено решение за одземање на Вашата патна исправа, туку судот доставил до Управата – Одделение за внатрешни работи, Одделение за патни исправи – Битола само известување дека со пресуда на овој суд КОК бр. 56/15 од 28.02.2017 г., сте осудени на казна затвор во траење од 1 година и 1 месец за кривично дело од чл. 273 ст.1 од КЗ.“ Одговорот на претставката, која и Вас Ви ја испраќаме во прилог, им го предочивме на вработените во ОРГ-СУНР-Отсек за управни работи Битола, но тие ни одговорија дека имаат наредба од „повисоки инстанци“ да ни ја одземат патната исправа.

Не знаеме дали таа наредба е од Вас господине министре, или од некои Вам подредени, но ние не би можеле да го третираме поинаку ова отколку дискриминација и тоа по верска основа. Добро Ви е познато дека ние сме водач на една верска организација која претходните Влади на Р. Македонија, вклучително и онаа во која Вие сте министер направија сѐ да ја дискриминираат. Откако тоа не им успеа, зашто Европскиот суд за човекови права од Стразбур констатира дека властите во Р. Македонија, со тоа што не ја регистрирале Православната Охридска Архиепископија ги прекршиле членот 11 и членот 9 од меѓународната конвенција за човекови права, и наложи власта да плати оштета на нашата верска заедница (која патем речено, до последно евро е исплатена од страна на оваа Влада), Министерството за внатрешни работи продолжува со дискриминацијата.

Инаку ние боледуваме од мултиплекс склероза и само во месец јули требаше да се јавиме на две контроли во Војно-медицинската болница во Белград, кадешто се лекуваме. Истото е предвидено и за месец август. Но, поради немање на патна исправа не можевме да ги направиме тие контроли и здравствената состојба рапидно ни се влоши. Поседуваме патна исправа од друга држава, но не можеме ни со неа да излеземе од државава, иако неа не се обидуваат да ни ја земат, но не нѐ пуштаат да излеземе без да се откажеме од престојот во Р. Македонија.

Дали целта е да бидеме држени како заложник, и тоа во периодот кога од страна на нашата Црква е најавена прославата на јубилејот 1000 години од основањето на Охридската Архиепископија и доаѓањето на српскиот Патријарх! Бесмислено е со такво ниско ниво на дискриминација да се постигне нешто г-дине министре. Нас не нѐ преумија 5 години и 6 месеци, кои ги поминавме во затвор, гонети и затворани само затоа што сме Архиепископ на од државата дискриминаторски непризнатата Православна Охридска Архиепископија, та мисли ли некој дека со овој „мек“ вид на туторство ќе нѐ преуми?

Имајте предвид дека со прогонот врз верска основа, којшто го спроведуваше претходната Влада и кој беше констатиран од меѓународната заедница, а на кој, за жал сега и Вие се надоврзувате, не ѝ помагате на МПЦ. Доказ за тоа е фактот дека со таквиот пристап, таа сѐ уште го нема решено проблемот со кој се соочува.

За најновава дискриминација веќе ги имаме информирано дипломатските претставништва во нашава татковина, а сметаме дека е чесно да Ве известиме дека оваа претставка ја испраќаме и до: Европската комисија против расизам и нетолеранција, Европската комисија за превенција од тортура, нехуман или деградирачки третман, или казнување, како и до Комисијата за човекови права при Советот на Европа, кои како што Ви е познато не се незаинтересирани за сите видови нетолеранција што се јавуваат во нашата татковина.

Со почит,
Архиепископ охридски и митрополит скопски, г.г. Јован“.

loading...