Сатирична вест: Анѓушев сака да биде нов директор на БЈБ: „БЈБ треба да го води некој незаменлив, како мене“

АКЦИЈА

Пишува Пиперка Ајварка за Република

Вицепремиерот Кочо Анѓушев побарал од колегата министер Оливер Спасовски да размисли сериозно него да го постави за нов директор на Бирото за јавна безбедност, откако Спасовски поведе постапка за разрешување на досегашниот директор Лазо Велковски.

Велковски ќе биде разрешен поради злоупотреба на службената должност и неовластено користење на службениот џип со кој неговата ќерка и нејзини пријателки биле на одмор во Грција. МВР неколку дена се обиде да го замати и затскрие скандалот, меѓутоа реакциите во јавноста го принудија Спасовски да го разреши првиот „безбедњак“.

По ова, веднаш реагираше вицепремиерот Кочо Анѓушев кој според неговото скромно мислење е идеален наследник на Велковски на чело на Бирото за јавна безбедност.

„Со оваа постапка за разрешување на Велковски јасно е дека тој не е меѓу нас, незаменливите членови на владата кои, иако сме фаќани во огромни скандали во врска со добивање на милионски тендери на незаконски начин, сепак не сме разрешени и не си поднесуваме оставки бидејќи, како што кажа премиерот Заев, ако сите си поднесуваат оставки за вакви работи, ќе нема тој со кого да работи и да ја води Северна Македонија во светла иднина“, изјави Анѓушев.

„Затоа сметам дека веднаш треба да изгласаме јас да бидам нов директор на БЈБ затоа што покрај со тендери и државна помош, се разбирам по малку и од безбедноста – но уште поважно, јас сум еден од незаменливите соработници на Заев што значи дека никој нема да може да ме смени од оваа позиција, па владата ќе има подобар имиџ“, додава Анѓушев.

Тој меѓудругото ветува дека ќе продолжи со БЈБ онаму каде Лазо Велковски застанал:

„Му ветувам и на досегашниот директор и на сите другари од владата дека возниот парк од МВР ќе им биде на располагање и во иднина како и досега и нив и на нивните деца или пријатели и пријателки. Зошто да седат возилата во гаража и да ги лазат мачки, кога може да ги повозиме и да учиниме некому нешто добро? За доброто на народот вреди секоја услуга која може МВР да ја направи, затоа МВР постои, па ќе ве прашам, нели патувањето до плажа во Грција им чини добро на луѓето? Затоа ќе продолжам да изнајмувам автомобили на сите колеги и другари, а бидејќи сум незаменлив, нема за тоа да трпи штета владата. За возврат за мојата добрина, ќе се најде некој тендер или некој процент, и сите ќе сме задоволни“, изјавил Анѓушев.

loading...