НЕ, НЕУСПЕШЕН РЕФЕРЕНДУМ НЕ ЗНАЧИ ПРИФАЌАЊЕ НА ДОГОВОРОТ

АКЦИЈА
loading...

Пишува Стефан Андоновски (Магистер по меѓународни односи, Универзитет Џонс Хопкинс, САД)

Во држава во која референдумите се реткост, нормално е да постојат недоумици. Лошо е кога во една ваква крајно несекојдневна ситуација полна со правни предизвици и импровизации, една ергела на политичари се служи со евтини трикови за да ја постигне својата цел. Во таква индуцирана масовна хистерија, граѓаните со право се збунети и бараат вистинити одговори.

Поимите со кои нè замајуваат секојдневно, оние надвор од фелата најверојатно нема да ги сретнат во целиот живот затоа што им се целосно непотребни. Па така „политичкиве експерти и аналитичари“ (што и да значи тоа) се расфрлуваат со термини како цензус, ратификација, џебно вето, меѓународна спогодба, уставни амандмани. Ова создава плодна почва за на сцена да стапат стандардните перачи на мозок периодов креирајќи две најзабележливи сцени.

СЦЕНА 1: Доколку референдумот не успее, институциите добиваат мандат да одлучат наместо граѓаните.

Оваа бомбастична а шуплива констатација, пласирана преку предводникот на операцијата „перење мозок“ – Радмила Шеќеринска, не држи вода. Зошто е тоа така?
Според неуставната одлука за распишување на референдумот донесена од Собранието, референдумот на маса служи „за консултирање на граѓаните“, што значи дека одлуката донесена на ваков референдум за консултирање не е задолжителна (според Законот за референдум). Односно, како и да заврши референдумот (повторувам: КАКО И ДА ЗАВРШИ), таа одлука не е задолжителна за институциите.

Има три начини каков може да биде исходот од референдумот:

1) Да биде успешен – повеќе од 50% од граѓаните да излезат на гласање, а мнозинството од нив да гласаат ЗА
2) Да биде неуспешен – повеќе од 50% од граѓаните да излезат на гласање, а мнозинството од нив да гласаат ПРОТИВ
3) Да биде неуспешен – помалку од 50% од граѓаните да излезат на гласање

Ова значи дека и при успешен референдум, институциите можат да решат да НЕ ГО ратификуваат договорот. Ниту успешен референдум за консултирање правно не може да го натера Претседателот на државата да го потпише Указот за ратификување на Договорот од Нивици за тој да влезе во сила. Спротивното исто така важи. И 50% плус еден да излезат и СИТЕ да гласаат ПРОТИВ, Собранието, со 2/3 гласови од пратениците, може да реши да го промени уставот.
Поентата е дека се работи за два паралелни процеси кои не зависат еден од друг. Оттука, лага е дека ако граѓаните го бојкотираат референдумот, ќе се смета дека граѓаните го прифаќаат договорот. Собранието, во секој случај, е ПРВАТА и ЕДИНСТВЕНАТА институција која одлучува за промена на Уставот. Референдумот за консултирање е токму тоа – консултација.

Сепак, исходот од референдумот има политичка тежина која е многу поголема од било која друга тежина. Доколку успее, референдумот политички ги обврзува сите партии во Собранието да го променат Уставот и името на државата во неповратен процес на самоцензура. Но ако не успее, исходот од референдумот станува своевидна шут-карта за Зоран Заев. Со неуспешен референдум, политичката кариера на Заев е завршена, и тој за тоа е свесен. Уште повеќе, не постои собрание кое при неуспешен референдум ќе се зафати да менува Устав и тоа со 80 и кусур пратеници.

СЦЕНА 2. Ова е нашата последна шанса.

Во плејадата напади на македонската јавна свест со апокалиптични сценарија последна беше „Охридската група“. Овој тим на пензионирани дипломатски „тешкаши“ предводена од лорд Џорџ Робертсон, Карл Билт, Солана и други, објавуваат проглас со кој нè плашат со духовите на минатото. „Многу од нас се сеќаваат на лошите денови за Западен Балкан од 90-тите години, кога преовладуваа етничките судири, насилството и недовербата. Економскиот и социјалниот напредок беше прекинат. Тие денови мора да останат во минатото.“ Сепак, забораваат да забележат дека и денес преовладува насилството, недовербата, економската и социјалната стагнација, токму со Евроориентираната „влада на иднината“.

Тука мантрата е дека ако не успее референдумот ќе се врати Милошевиќ, ќе ја снема Македонија, ќе се испоубиеме меѓу себе како неандртални дивјаци, ќе бидеме изолирани, затворени, заборавени. Ќе се избришат илјадници години постоење, нема веќе никого да го интересираме… А доколку успее, одеднаш сме Данска. Па нема да има наместени тендери за сите фирми на сите највисоки функционери, нарачани пресуди, силување на сите правни акти, говор на омраза кон највисоката државна институција – Претседател, крадење, крадење, крадење.

Според овие магловити флоскули, во Северна Македонија сонцето ќе изгрева посветло, пари ќе растат на дрво, а од чешмите ќе тече мед и млеко.

Фактите се други.

Договорот е штетен по многу основи објаснети и преобјаснети. Институциите не смеат да одат подалеку од мандатот кој им е даден од единствениот суверен според Уставот – граѓанинот. И Македонија може да ја гради својата иднина само со работа и чесност. Со или без Договорот во формата во која што е.
Така што да бидеме спокојни, да читаме проверени информации и да не веруваме на магла. Тоа е советот за сончевиот август.

loading...