Велковски „во крајна нужност“ го ангажирал „службеното лице“ да ја вози ќерка му, Спасовски ќе бара негово разрешување

АКЦИЈА
loading...

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе поднесе предлог за разрешување на директорот на Бирото за јавна безбедност Лазе Велковски, откако се утврди дека ќерката на Велковски патувала со службен полициски џип на одмор во Грција.

Истрагата на Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди утврдила дека службеното возило „Ренџ Ровер Дискавери Спорт“ со регистарски таблички СК-9559-АЛ било пратено во Грција со налог потпишан од директорот на јавна безбедност. Возилото го управувал полициски службеник.

Лазе Велковски – директор на БЈБ

Во својот исказ, директорот на Бирото за јавна безбедност Велковски рекол дека го ангажирал службеното возило „од крајна нужност, поради тоа што подолго време постоеле закани кон него и неговото семејство“. Велковски исто така кажал дека дента, на 2 август кога ќерка му патувала, тој бил работно ангажиран на прославата на Илинден и „заради нарушувањата на јавниот ред и мир во текот на прославата на Мечкин Камен, како и настани кои претходеле проценил дека е небезбедно неговата ќерка да патува сама“.

Ќерката на Велковски до Грција ја возел член на неговото обезбедување.

„Во овој случај целосно не била спроведена процедурата за службено патување и покрај налогот за патување, не е потпишано решение за службено патување. Заради ова, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски до Владата на Република Македонија ќе поднесе предлог за разрешување на директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски“ соопштуваат од МВР.

Претходно, МВР соопшти дека возилото во 13 часот и 35 минути го преминало граничниот премин Богородица и патувало на територија на Република Грција, а вратено е во Република Македонија истиот ден, 2 август 2018 година.

loading...