Цуцуловски: Ни наметнуваат чувство на вина за да не манипулираат и со нас да прават што сакаат

АКЦИЈА
loading...

МАЛИ ПОТСЕТУВАЊА ЗА…

Секојдневно нè обвинуваат како македонското општство било болно и дека со него владеела скандалозна корупција. Токму затоа, вратите кон ЕУ и развиениот свет биле затворени. Констатацијата за корумпираноста на македонското општество воопшто не е проблематична. Меѓутоа, дали тоа значи дека во развиениот и демократски свет феноменот на корупцијата е непознат? Дека е, со други зборови, имун на корупција?

Доволни се неколку потсетувања. Во Белгија – значи, не во Република Македонија, туку во Кралството Белгија – се појави Аферата Локид. Во неа директно беше вмешан Вили Клас, тогашен генерален секретар на НАТО. Претходно, овој господин беше министер за економија на Белгија. Сумата на овој скандал од 1988 год. (48 нерегуларно купени хеликоптери) беше 50 милиони белгиски франци. Да, токму така: 50 милиони белгиски франци! Во аферата беа вклучени уште и министерот за одбрана, министер-претседателот на Валонија, како и францускиот бизнисмен Серж Десол. Во 1976 год. во афера поврзана со истата фирма за борбени авиони „Локид”, беше вмешан и холандскиот Принц Бернар, сопруг на Кралицата Јулијана. Цената за сторената зделка никогаш не беше објавена. Во 1976 год. нешто слично се случи и во Јапонија со нејзиниот тогашен премиер Танака. Во 1973 год. заменик претседателот на САД, Спиро Егњу, беше оптужен за уценување, за неплаѓање данок и за нетранспарентност во водењето на бизнисот.

Можат да се набројат уште многу примери од овој вид. Ако е така (а, така е!) тогаш која е смислата Република Македонија толку гласно да се обвинува за она што е вообичаена пракса во развиениот свет, особено ако се знае дека Македонија е само патемен учесник во глобалната нечистотија? Целта е едноставна – да се создаде чувство на вина кај другиот, послабиот, никаквиот, балканецот… Вие, а не Тие, сте виновни за сè. Од своја страна, чувството на вина дозволува со вас да прават што сакаат. Всушност секој репресивен систем, како и секоја репресивна цивилизација, се темелат на чувството на вина, макар што вашиот грев, во однос на нивниот, е минорен. Така, на помалку парадоксален начин, оној кој е манипулиран почнува себе си да се доживува како манипулатор, додека вистинскиот манипулатор почнува да го чувствува како спасител, како сотер, како од Бога испратен човек, кој треба да го спаси од сите никаквости.

Постов, во ниту еден случај, не значи оправдување на криминалот во Македонија. Напротив, тој е негова осуда. Меѓутоа, за иста осуда се и „нежните и невини ангелчиња“, кои секојдневно доаѓаат да ни дражат лекции по чесност. Како ќе биде кога ќе се здружиме, можете да си замислите – сè ќе биде испрано.

loading...