Лазаров – Охрид, обескнижен

АКЦИЈА

Збоктисано ми е и веќе не им обрнувам внимание на предсезонските ветувања на охридските градоначалници („градски татковци”, демек!) дека градот со чија што убавина сите (со право) се перчиме, годинава ќе биде поспастрен, ќе личи повеќе на сличните места во светот. Потем, а ќе почне сезоната, ќе видиме: ептен личи! Само не на нему сличните во Европа, туку на самиот себе од лани, преклани личи нашиот Охрид.

Бинго е, на пример, да најдете место за паркинг – та плаќале, та не плаќале. И сé повеќе ќе нема паркинзи – колку што градежниците (ај да не ги викаме на галено „градежна мафија” ќе го запоседне секое парче земја во градот, ќе ја искубе секоја тревка, за врз неа да изгради нова повеќекатница.

Не шеталиштето покрај брегот на езерото таа, пак таа приказна, со години, со децении, уште малку и со векови: панаѓурска атмосфера – од едно на друго место се премесатени апаратите за мерење на јачината на тупаницата, разните надуени реквизити врз кои весело скокаат дечињата, мал автодром, базенче за детски кајчиња, вовчиња, и сé така по ред, како лани… Никој, па ни јас не сум за тоа децата да се без разонода во Охрид, скраја да е, ама тоа на други места не се прави кај што ќе им текне на сопствениците на тие играчки, туку на точно одредени локации.

Преку мостот по кој се преминува „глисерскиот канал” – наредени приватни ресторани, ноќни клубови, како ли се викаат. Најмногу би им прилегало – ноќна мора за туристите. Оттаму трешти музика до рани зори, додека не запее оџата, децибелите никој не ги мери и никој не ги стивнува – да „поуживаат малку” и тие кои не се преку мостот, и тоа бесплатно! Па така и ми се случи, на терасата на еден хотел во најстрогиот центар на градот, пиејќи го утринското кафе, сакал-нејќел да слушам делови од телефонскиот разговор на туристичкиот агент со неговата централа во Загреб: „Сé беше прекрасно, го разгледавме Охрид, преубав град, бевме со брод и до Свети Наум, ама ви велам, божја убавина – сé до влегувањето во хотелот. Потоа хорор! Трештат децибели, гостите се жалат, не можат да спијат…”

Е тие гости беа биле од странство и неа беа биле чуле за Северина, Цеца и другите екс-фолк ѕвезди од екс-државата ни. Срам да им е, да не чуле за Цеца, па слушате ли како завива, од едниот на другиот крај на езерото се слуша! Секоја година истата песна! Охрид е град во кој никому не му е гајле за ушите на гостите.

Во центарот на градот – ново изненадување: тука, меѓу „Летница” и Трговскиот центар со години работеа неколку книжарници на отворено. Сега ги нема. Градот, кој често знае да се пофали дека е лулка на словенската писменост, е обескнижен. Нема што да се чита тука: има езеро, имет толку плажи, немат време за читање! Којзнае која е причината за тоа, но зарем градските началници, кога минуваат покрај летница, не чувствуваат една голема празнина во градот? Ако претходните не чинеле, зошто не се побарани (најдени) нови книжари?

И така, лека-полека, се забревтaв јас за Охрид. Ги трпам повремените дождови и грмежи во Скопје и одвај чекам да фатам пат за Охрид! Во аптеките има пластични заштитници за ушите од преголема врева…

loading...