Иванов два дена пред Илинден зборуваше едно, на Мечкин Камен друго рече Заев

АКЦИЈА
loading...

Група од педесетина лица, кои од претходно ѝ се познати на полицијата, а дел од нив учествувале и во нападот во Собранието од 27 април минатата година, е поврзана со инцидентот во Крушево за време на прославата на Илинден. Некои од нив извикуваа навредливи зборови кон припадниците на албанската етничка заедница и фрлаа со предмети кон владината делегација и странските дипломати.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека изреагирало соодветно и на ниво на задачата. Имало сознанија дека се можни групирања и тенденциозни дејствувања на одредени групи со намера нарушување на јавниот ред и мир. За тоа бил информиран и премиерот Зоран Заев, кој за време на одбележувањето на Илинден и во Пелинце и во Благоевград беше придружуван од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Однапред знавме дека е можно да се случи такво нешто и порано имало такви дофрлувања од ваквите радикални структури на Мечкин Камен и од МВР беа преземени сите неопходни дејства. Полицијата беше соодветно распоредена и во делот на униформите и во цивилните лица. Ако се одеше понатаму можеше да биде претенциозно и да се остави погрешен впечакот. Нема пропусти од страна на полицијата”, рече Заев вчера во интервју за 1ТВ во Охрид.

Според него, некој ги мотовирал тие поединци да се однесуваат така и тоа се истите квазипатриотски здруженија, навивачки групи, а некои од лицата што го предизвикаа завчерашниот инцидент во Крушево биле и во Собранието на 27 април.

„Тоа е мала група од 50-на лица, исфрустрирани и мотивирани од некого да праќаат некакви пораки, но не се приврзаници на големите политички партии, зашто во последно време го плукаат и ВМРО-ДПМНЕ, а и физички се насилни. Сепак, овие луѓе имаат одредена цел”, додаде Заев.

Премиерот, исто така рече дека зад ваквите обиди за ширење говор на омраза се крие желбата за амнестија и бегање од одговорност за одредени поединци.

„Свесен сум дека децениската неодговорност што повеќе не се толерира, продуцира вакви напливи кај поединци. Институциите будно следат и работат и ќе постапуваат без разлика на кого се однесува”, рече Заев.

Премиерот и претседателот имале средба два дена пред Илинден. На состанокот се разговарало за регионални и многу важни државни прашања, важни за безбедноста, иднината, актуелните моменти. Но, Иванов тогаш зборувал едно, а на Мечкин Камен друго.

„Со Иванов имавме пријатен состанок, поразговаравме за очекувањата на Мечкин Камен. За жал, се случија мотивации од самиот говор на претседателот, лица, веројатно под дејство на алкохол, да шират омраза”, рече Заев.

loading...