Референдумската кампања 2018: Кој е „ЗА“, кој „ПРОТИВ“, кој за „БОЈКОТ“

АКЦИЈА

Иако кампањата за референдумот е официјално почната, поголемите политички субјекти се уште немаат позасилена јавна пропаганда. На социјалните мрежи засега едни од најактивните се неформалните групи.

Кампањата за референдумот за Договорот за името и зачленувањето во Европската унија и НАТО што ќе се одржи на 30 септември законски и официјално веќе е почната. Таа, како што одлучи Државната изборна комисија, бидејќи во Законот за референдум не е прецизирано, почнува со денот на објавувањето на одлуката за распишување референдум во Службен весник. Одлуката е веќе објавена, па со тоа и официјално почнува јавната пропаганда.

Но, засега никој од поголемите субјекти ја нема официјално започнато. Очекувано е владата и пратениците од владејачкото мнозинство да бидат вклучени во кампањата „за“, а неформални групи веќе повикуваат да се бојкотира, а се уште се чека на позиционирањето на ВМРО-ДПМНЕ.

„Владата на Република Македонија во согласност со Законот за референдум ги разгледува можностите за реализација на кампања од јавен интерес за информирање за прашањето кое го третира референдумот”, е краткиот одговор од Владата на прашањата дали планираат да водат кампања, како ќе се финансира, кога ќе почне и кои ќе бидат главните пораки.

Кои се „Бојкотирам“?

Во меѓувреме, активно е движењето „Бојкотирам“ кое засега нема официјални претставници. Со таа ознака на социјалните мрежи се шират пораки како на пример „Да го зачуваме нашето свето име. Да ја зачуваме Македонија! Никогаш Северна, секогаш Македонија”.

Меѓу јавните личности кои ги шират пораките на ова неформално движење има политичари, професори, претставници на дијаспората. Па така едни од најгласните застапници на опцијата за бојкот на референдумот се професорите Билјана Ванковска и Димитар Апасиев, потоа лидерите на најавените нови политички партии како Солза Грчева и Љупчо Палевски, Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора и други.

Како групација која ја поддржува оваа опција се појавува и организацијата Млади за Македонија. Тие вчера соопштија дека официјално ја почнале кампањата „Бојкотирам” и најавија дека ќе почнат сo процедура за распишување на „татковинскиот референдум зa одбрана на Мaкедoнските црвени линии – нaшетo име, идентитет и јазик“.

ВМРО-ДПМНЕ без став, извршниот комитет поделен

Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, ситуацијата се уште изгледа нејасна. Опозициската партија официјално досега не излезе да каже дали ќе го повика членството да гласа против или да бојкотира, но внатрешните струи веќе заземаат позиции.

Двајца членови на Извршниот комитет на партијата јавно агитираат за сосема различни опции – Тони Михајловски повикува на бојкот, Костадин Богданов пишува дека граѓаните треба да ја преземат одговорноста. Слично како и Михајловски, пратеникот Антонијо Милошоски се залага за бојкот, а исти позиции како Богданов, за излегување на референдумот има и Петар Богојевски, заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓу највоздржаните останува првиот човек на партијата Христијан Мицкоски. Секојдневно повторува дека договорот е лош и дека тој нема да помине кај народот.

„Најпрво ќе треба да одлучуваат партиските органи и тела, а потоа ќе се дефинира однесувањето“, одговараат од ВМРО-ДПМНЕ на прашањето дали и кога ќе ја почнат кампањата.

САД со поддршка за Договорот за името

Во меѓувреме, додека македонската политичка сцена се уште се позиционира, сенаторите Крис Марфи, демократ од Конектикат и Рон Џонсон, републиканец од Висконсин, предложија во Сенатот заедничка резолуција со која се поздравува и поддржува договорот за името меѓу Македонија и Грција и се изразува предупредување и загриженост поради руското мешање и обиди за негово поткопување.

„Ако биде ратификуван, договорот ќе и го отвори патот на „Република Северна Македонија“ да се приклучи во НАТО и ЕУ, ќе ја отстрани ранливоста во Западен Балкан и ќе ја намали можностите за руско мешање. Русија се обидува да ја поддржи опозицијата за поткопување на договорот, на што Грција одговори со протерување четворица руски дипломати“, се наведува во резолуцијата.

Сенаторот Марфи пред Комитетот истакна и дека ништо немало да го запре Путин да предизвикува поделби меѓу земјите во Европа и на Балканот, а дека овој договор помага и за зацврстување на НАТО и на ЕУ.

„Ние сега мора да работиме заедно за да и покажеме на Русија дека нејзиното нелегално мешање во внатрешните работи на други земји нема да успее”, рече Марфи.

Во минатиот месец пак, во контекст на вмешување во внатрешните работи премиерот Зоран Заев ја доведе и Русија. Тој рече дека проруски бизнисмени им плаќале на учесници во протестите и дека полицијата за ваквите плаќањата дознала по приведувањето на неколку учесници во насилните протести пред Собранието минатиот месец, кога договорот со Грција влезе во собраниска процедура.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски подоцна излезе со тврдење дека Македонија подолг временски период била изложена на интензивна субверзвивна пропаганда дејност, поврзана со интеграциите на земјата во ЕУ и НАТО. Зад пропагандата, нагласи, стоела мала криминална структура која не дејствувала идеолошки, туку сакала да ги реализира своите лични интереси.

Фросина Димеска за Радио Слободна Европа

loading...