7.600 денари за уште 1.600 невработени лица

АКЦИЈА
loading...

Предлог-законот за обезбедување надомест за уште 1.600 стечајци доставен е од Владата до Собранието на Република Македонија, соопшти владината прес-служба по одржувањето на вчерашната 82. седница.

– Владата на 82-та седница го усвои Предлогот на Закон за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата за да се овозможи правото на материјално обезбедување да се оствари без разлика дали работниот однос склучен по користењето на паричниот надоместок по основ на невработеност, бил на определено или неопределено време и дали престанал по волја или вина на работникот, стои во соопштението.

На овој начин, како што посочуваат од Владата, ќе се овозможи материјално да бидат обезбедени дополнителни 1.600 невработени лица.

Според постојното законско решение, невработено лице може да се стекне со правото на паричен надоместок доколку ги исполнува следните услови:

Било најмалку 15 години во работен однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата, утврден со М1/М2 обрасци;
Му престанал работниот однос во претпријатие со доминантна сопственост на државата, по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок;
На денот на влегувањето во сила на законот (20.09.2017) е на возраст од најмалку 52 години (жена), односно 55 години (маж);

Работниот однос му престанал заклучно со 31 декември 2016 година;
Остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година и кое по остварувањето на правото на паричен надоместок не било вработено на неопределено време, односно работниот однос не му престанал по негова волја или вина
Доколку Собранието ги изгласа предложените измени, петтиот услов ќе се промени со што законот ќе важи за лица кои оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година без разлика дали работниот однос склучен по користењето на паричниот надоместок по основ на невработеност бил на определено или неопределено време и дали престанал по волја или вина на работникот.

Сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат условите од постојниот закон треба да поднесат лично барање до надлежните центри за вработување каде што се евидентирани, а рокот за поднесување истекува на 19.09.2018 година.

loading...